Необичните услови поврзани со патот на Северна Македонија кон членство во Европската унија се причина за загриженост, оценува Фајненшл тајмс по повод почетокот на процесот за пристапување во ЕУ со Скопје и Тирана. Весникот пишува дека во 1971 година, офицерите на ЦИА напишале документ на 12 страници со наслов „Македонски синдром“ кој го издржал тестот на времето како јасна анализа на еден од најнерешливите историски спорови во Југоисточна Европа и додава дека авторите на документот можеби нема да бидат изненадени ако знаат дека, и покрај различниот геополитички контекст од тоа време, тензиите околу македонскиот идентитет останале нерешени. Поради овие причини, оценува ФТ, прерано е да се слави почеток на преговорите за пристапување во ЕУ со Северна Македонија и Албанија.
Advertisements
Весникот наведува дека европските лидери во суштина ја повикуваат Северна Македонија да се приклучи, но велат дека тоа нема да се случи ако не исполнат низа ригорозни барања поставени од Бугарија кои се однесуваат првенствено на јазикот, националниот идентитет и историјата.
Во која било фаза од пристапните преговори, Бугарија има моќ да ги запре или одложи со изјавување дека Северна Македонија ги избегнува своите обврски, наведува ФТ, додавајќи дека условите на Бугарија ги надминуваат формалните критериуми за пристапување во ЕУ, кои главно се однесуваат на исполнувањето на ЕУ стандардите за слободна пазарна економија и демократија и инкорпорирање на законодавството на ЕУ во националното право.
Весникот оценува дека ЕУ, поддржувајќи ја позицијата на Бугарија, како единствен начин да се придвижи напред, не само што престана да биде непристрасен арбитер меѓу двете земји, туку и направи веројатно дека слични пречки ќе бидат поставени и пред другите земји од Западен Балкан. Што ако еден ден Хрватска го следи примерот на Бугарија и бара од Србија да го прифати хрватското читање на историјата на Југославија во 20 век, пишува ФТ.
ФТ додава дека ЕУ, сепак, покажувајќи фаворитство кон Бугарија во однос на Северна Македонија, можеби ненамерно ставила клуч на проектот за проширувањето на Западен Балкан. Процес кој, како што тврдат, отворено го поддржуваат.
Извор: FInancial Times