Во првото полуфинале на Фајнал-фор турнирот во Келн од Лигата на шампионите (сезона 2019/20) екипата на Барселона триумфираше над ПСЖ со резултат 37:32 (18:14).
Во „Ланксес Арената“ во Келн (Германија) Дика Мем беше најефикасен во редовите на шпанскиот претставник со осум голови, шест запиша Арон Палмарсон, по пет Блаж Јанц и Лудовик Фабрегас, а по четири Тимотеј Н`гесан и екс членот на Вардар 1961, Лука Циндриќ.
На спротивната страна за француската екипа предводена од Раул Гонзалез како прв стрелец се одвои Дилан Наи со девет погодоци, седум имаше Микел Хансен, пет Недим Ремили, а четири уште еден поранешен член на Вардар 1961, Даинис Криштопанс.
Каталонскиот гигант кој е најтрофеен во ова елитно натпреварување и ќе се бори за својата 10 јубилејна титула, севкупно 14-то финале за нив. Последен пат Барса беше во големото финале пред пет години кога се искачи на врвот по победата над Веспрем (28:23).
Вториот финалист ќе го дознаеме вечерва од 20.30 часот кога силите ќе ги одмерат Кил и Веспрем на македонскиот репрезенативец Дејан Манасков.