Европската Унија ќе продолжи да соработува со земјите од Западниот Балкан, како и со Украина, Молдавија и Грузија и ќе ги поддржува нивните реформски напори на патот во приближување кон блокот, се наведува во заклучоците од дводневниот Самит на ЕУ што заврши попладнево во Брисел.
Во однос на регионот, лидерите на ЕУ изразија и длабоко загриженост за безбедносната ситуација на северот на Косово, најостро осудувајќи го „насилниот напад“ врз косовската полиција на 24 септември 2023 година.
– Европската унија очекува сторителите да бидат уапсени и брзо изведени пред лицето на правдата, а Србија целосно да соработува и да ги преземе сите неопходни чекори во овој поглед. Косово и Србија мора да продолжат со постојани напори за деескалација, како и да обезбедат одржување на нови избори на северот на Косово што е можно поскоро, со активно учество на косовските Срби. Неуспехот за деескалација на тензиите ќе има последици, се порачува во заклучоците.
Европскиот совет, како што јави дописникот на МИА од Брисел, изразува жалење и поради недостигот на имплементација на досегашните договори од двете страни и ги повикува Косово и Србија да ги спроведат без одлагање или предуслови, вклучително и формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство.
– Нормализацијата на односите е суштински услов и на европскиот пат на двете страни и тие ризикуваат да изгубат значајни можности во отсуство на напредок, се додава во документот.
Во однос на Украина се реафирмира осудата на руска агресија, како очигледно кршење на Повелбата на ОН, и непоколебливата поддршка на ЕУ за украинските независност, суверенитет и територијален интегритет во меѓународно признати граници и за нејзиното право на самоодбрана.
– Европската унија ќе продолжи да обезбедува силна финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина и нејзиниот народ онолку долго колку што е потребно, се вели во заклучоците, при што се наведуваат и конкретни мерки за помош и поддршка на земјата.
Лидерите на ЕУ порачуваат и дека ќе продолжат со засилени дипломатски напори за обезбедување најширока можна меѓународна поддршка за сеопфатен, праведен и траен мир на Украина.
– Русија и нејзиното раководство мора да бидат целосно одговорни за водење на агресивна војна против Украина и други најтешки злосторства според меѓународното право. Европскиот совет повикува да се продолжи работата, вклучително и во Основната група, на напорите за формирање на суд за гонење на кривичното дело агресија против Украина, кој ќе ужива најширока меѓурегионална поддршка и легитимитет, како и кон воспоставување на иднината механизам за компензација. Исто така, Европскиот совет ја изразува својата поддршка за работата на Меѓународниот кривичен суд и ги осудува руските обиди да го поткопа неговиот меѓународен мандат и функционирање, се додава во заклучоците
Европскиот совет ја осуди и незаконската депортација и трансфер на украински деца и други цивили во Русија и Белорусија и повикува на нивно безбедно враќање во Украина. Во документот се изразува и осуда за Техеран, Минск и Пјонгјанг за нивната „континуирана воена поддршка за руската агресивна војна“.
– Европската унија ќе ја интензивира својата работа со партнерите за да се спротивстави на лажните руски наративи и дезинформации за војната, се додава во заклучоците, во кои се изразува и разочарување поради одлуката на Москва за повлекување од Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни проби и од Црноморската иницијатива за житото.
Лидерите на Унијата ја нагласуваат и својата континуирана поддршка за унапредување на одржлив и траен мир меѓу Ерменија и Азербејџан заснован на принципите на признавање на суверенитетот, неповредливоста на границите и територијалниот интегритет и ја нагласуваат важноста од обезбедување на правата и безбедноста на Ерменците од Карабах, вклучувајќи го и враќањето во нивните домови.
– Европскиот совет ги поканува високиот претставник и Комисијата да ги претстават опциите за тоа како најдобро да се зајакнат односите ЕУ-Ерменија во сите нивни димензии, се посочува во текстот.
Во делот за случувањата на Блискиот Исток, Европскиот совет ја повторува својата осуда на брутални и неселективни терористички напади Хамас врз Израел и користењето на цивили како жив штит
– Европскиот совет силно го нагласува правото на Израел да се брани во согласност со меѓународното право и меѓународното хуманитарно право. Тој го повторува својот повик до Хамас веднаш да ги ослободи сите заложници без никакви предуслови, се вели во заклучоците.
Лидерите на ЕУ ја повторува важноста од заштита на сите цивили во секое време во согласност со меѓународното хуманитарно право и ја изразува својата сериозна загриженост за влошувањето на хуманитарната ситуација во Газа и повикува на континуиран, брз, безбеден и непречен пристап на хуманитарната помош до оние на кои им е потребна.
– Европскиот совет потсетува на потребата да се избегне регионална ескалација и да се ангажира со партнерите во овој поглед, вклучително и со палестинската управа. Европската унија е подготвена да придонесе за заживување на политичкиот процес врз основа на решението за две држави, вклучително и преку напорите за Денот на мирот и ги поздравува дипломатските иницијативи за мир и безбедност и го поддржува наскоро одржувањето на меѓународна мировна конференција. Европскиот совет ја нагласува потребата да се бори против ширењето на дезинформации и нелегални содржини и ја нагласува правната одговорност на платформите во овој контекст, се наведува во заклучоците.
Лидерите на ЕУ ги осудија неодамнешните терористички напади во Франција и Белгија во кои беа убиени и повредени шведски и француски државјани и нагласуваат дека Унијата стои обединета и цврсто во борбата против тероризмот, омразата и насилниот екстремизам од секаков вид.
– Европскиот совет ги повикува институциите и земјите членки да се вклучат во заеднички напори за мобилизирање на сите релевантни политички области на национално и ниво на ЕУ за подобрување на внатрешната безбедност, вклучително и преку зајакнување на спроведувањето на законот и судската соработка, размена на информации преку целосна употреба на релевантни бази на податоци, заштита на надворешните граници, борба против шверцерите и тесна соработка со трети земји, се додава во документот.
Во делот на економијата се нагласува дека на Европската Унија и треба силна економска основа која ќе ја осигури нејзината долгорочна конкурентност и еднакви услови за игра и внатрешно и глобално, со целосно функционален единствен пазар.
– Европската Унија треба да ја зајакне својата индустриска и технолошка база и да ја зајакне својата економска отпорност, безбедното поврзување, пристапот до глобалниот пазар и продуктивност, за да постигне стратешка автономија додека ја зачувува својата отворена економија, оценуваат лидерите на ЕУ.