Заканата од американскиот претседател Доналд Трамп за воведување казнени царини кон секој што би се обидел да го спречи во намерата да го преземе Гренланд беше „капката што ја прелеа чашата“ за многу европски влади, пишува „Политико“, пренесе „Индекс“.

По една година напнатости од враќањето на Трамп во Белата куќа, сè погласно се зборува за неминовен трансатлантски развод. Некои европски функционери како основа за нов безбедносен сојуз без САД ја гледаат т.н. „коалиција на подготвените“.

Европските дипломати приватно го опишуваат потегот на Трамп околу суверената данска територија како „луд“ и „полудено однесување“ кое, според нив, заслужува најостра европска реакција. „Ова е преминување на црвената линија“, рекол еден европски дипломат под услов на анонимност. „САД долго ја критикуваат Европа за наводна слабост пред Трамп, и во тоа има вистина. Но постојат граници.“

Иднината без САД

Меѓу високи европски функционери преовладува уверување дека Америка под водство на Трамп повеќе не е сигурен трговски и безбедносен партнер. Се разгледува итен план за иднината на Европа без да се наслонува на САД.

„Промената во американската политика е реална и во голема мера трајна“, изјавил висок претставник на една европска влада. „Чекањето да помине нема смисла. Неопходен е организиран и координиран премин во нова реалност.“

Ова би можело да доведе до длабоки промени во западниот свет и нарушување на глобалната рамнотежа. Последиците би вклучиле економски штети од нови трговски тензии, како и зголемени безбедносни ризици. И самите САД би претрпеле последици, вклучително и загуба на пристап до европските бази и логистичка поддршка за операции во Африка и Блискиот Исток.

„Коалиција на подготвените“ како нов модел

И додека некои влади, како италијанската предводена од Џорџа Мелони, се обидуваат да ги спасат односите со Вашингтон, други веќе размислуваат за долгорочен раскин. За повеќето тоа е болно сценарио кое значи крај на 80-годишната соработка и удар врз НАТО.

Сепак, за некои иднината без САД е веќе замислена. Моделот го претставува „коалицијата на подготвените“ која ја поддржува Украина — платформа во која европски држави, вклучувајќи и земји кои не се членки на ЕУ како Велика Британија и Норвешка, делуваат ефикасно и без САД.

„Вашингтонската група“

Советниците за национална безбедност од 35 влади се во редовен контакт, а нивото на доверба меѓу нив е високо. Соработката не се одвива само на ниво на службеници – самите национални лидери исто така тесно соработуваат.

Лидерите како Кир Стармер од Обединетото Кралство, Емануел Макрон од Франција, Фридрих Мерц од Германија, како и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, комуницираат редовно, честопати во истиот групен разговор. „Кога работите почнуваат брзо да се движат, тешко е да се координираат, а овој разговор е навистина ефикасен“, рече лице запознаено со договорот.

Овој неформален договор е познат како „Вашингтонска група“, именуван по групата европски лидери кои ја посетија Белата куќа минатиот август со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Кон нов безбедносен сојуз

Моделот на „коалиција на подготвените“ би можел да стане основа за нов европски безбедносен сојуз во време кога САД се повлекуваат. Во дискусиите учествува и Зеленски, што отвора можност Украина да стане дел од новиот систем. Украина е најмилитаризирана земја во групата, со голема армија и развиена индустрија за беспилотни летала — нејзино приклучување до Франција, Германија, Полска и Велика Британија би создало моќна воена сила.

Во меѓувреме, од Брисел пристигнуваат конкретни предлози. Европскиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус предложи формирање постојана европска армија од 100.000 војници, како и оживување на идејата за Европски совет за безбедност. Фон дер Лајен пак промовира нова Европска безбедносна стратегија.

Членките на ЕУ ќе одржат итен самит за да го координираат одговорот на заканите од Трамп. Во фокусот може да се најде и прашањето за иднината на европската безбедност. Се очекува и директен разговор со Трамп на Светскиот економски форум во Давос.

По средбите со Мерц, Макрон, Стармер и новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, фон дер Лајен изјави: „Ќе се соочиме со овие предизвици за европската солидарност со стабилност и решителност. Европа ќе застане цврсто во својата поддршка за Гренланд.“

Фото: ЕПА

Текстот Европските лидери го коментираат Трамп во затворена група, со нив е и Зеленски е превземен од МАКФАКС.