Европскиот парламент денеска побара од Европската комисија да ги укине т.н „златни пасоши“, кои на многу руски олигарси им дадоа државјанство на ЕУ, со што ги избегнаа санкциите воведени по агресијата врз Украина.
Европскиот парламент со мнозинство од 595 „за“, 12 против и 74 воздржани, усвои препорака до Комисијата да престане да доделува златните пасоши, кои се добиваат со големи инвестиции.
Тоа се случаи кога богати претприемачи добиваат државјанство на одредена земја-членка на ЕУ, иако не живееле во неа потребниот број години, туку иницирале голема или „стратешки важна“ инвестиција во неа.
Известувачот Софија инт Велд од Либералниот клуб не го гледа „златниот пасош“ како инвестиција во економијата, туку како пат кон сомнителен, нелегален бизнис и даночно затајување. Освен тоа, ги користат и руските олигарси кои имаат големо богатство во земјите на ЕУ.
– Војната во Украина го става овој проблем во центарот на интересот. Рускиот селанец, кој ја штеди секоја рубља, не може да купи европско државјанство, но затоа тоа можат да го направат руските олигарси кои се добро поврзани со режимот на Путин. Тие ги заобиколија санкциите со мавтање со пасошите на Европската унија. Тоа мора да престане, изјави Инт Велд.
Европскиот парламент уште во 2014 година ги предупреди Комисијата и земјите-членки дека не презеле доволно мерки за борба против овие програми.