Обединувањето на земјите-членки на Европската Унија во областа на одбраната нема да се случи наскоро, изјави европскиот комесар за одбрана и вселена Андријус Кубилијус во интервју за „Вашингтон пост“.

„Ние сме многу индивидуални во одбраната, а обединувањето и постигнувањето нешто, е предизвик. Тоа нема да се случи наскоро, но мора да ја погледнеме пошироката слика“, нагласи Кубилијус.

Според весникот, европските членки на НАТО се навикнати да дејствуваат под водство на САД, додека во рамките на ЕУ постои ризик од борба за влијание меѓу националните влади и Европската комисија, која традиционално нема значајна улога во одбранбениот сектор.

Кубилијус истакна дека постојат неколку пречки за военото обединување на европските земји. Како што наведе, производството на опрема е „целосно фрагментирано“, земјите се навикнати да дејствуваат независно, а влијанието на ЕУ во воените прашања е „екстремно ограничено или воопшто не постои“.

„Не можете само да издадете декрет дека сите мора да дејствуваат заедно утре“, рече комесарот.

Претходно, „Вашингтон пост“ објави дека создавањето на единствена армија на Европската Унија без учество на Соединетите Американски Држави не се очекува во блиска иднина поради бројни тешкотии. Според овој весник, повлекувањето на американските трупи од одредени региони ја обнови дебатата за поголема одбранбена независност во Европа во рамките на НАТО.

Фото: принтскрин

Текстот Европскиот комесар признава: Нема единство во одбраната на ЕУ е превземен од МАКФАКС.