Денеска, Европската комисија објави значителен инвестициски пакет од 3,2 милијарди евра за поддршка на 21 проект од областа на транспорт, дигитализација, клима и енергетско поврзување во Западен Балкан. Ова е првиот голем пакет на проекти во рамките на амбициозниот Економски и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, кој Комисијата го усвои во октомври 2020 и кој ќе ја стави во функција стратегијата на ЕУ – Глобална порта во овој регион.  Проектите се дизајнирани да донесат опипливи придобивки за сите шест партнери во регионот.

Комесарот на ЕУ за соседство и проширување, Оливер Вархеји, рече: „Со овој голем инвестициски пакет, ја забрзуваме испораката на Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан на терен. Ги идентификувавме овие водечки проекти во тесна соработка со нашите партнери. Подобрите и поодржливи врски во транспортот, дигиталната инфраструктура и обновливите извори на енергија ќе ја поттикнат економијата, ќе ја поттикнат зелената и дигиталната транзиција на регионот и ќе донесат мноштво можности за луѓето и бизнисите во Западен Балкан и низ ЕУ. Овие инвестиции ќе ја забрзаат и интеграцијата на регионот, во согласност со неговата јасна европска перспектива“.

Во текот на следните години, Економскиот и инвестициски план треба да мобилизира до 30 милијарди евра инвестиции, како комбинација од грантови, повластени заеми и гаранции. Планот ќе помогне да се затвори развојниот јаз меѓу Европската унија и регионот и да се поддржи економското закрепнување по пандемијата.

Денешниот финансиски пакет вклучува 1,1 милијарди евра грантови на ЕУ од Инструментот за претпристапна помош 2021-2027 (ИПА III), дополнителни билатерални придонеси од ЕУ Земјите-членки и Норвешка, и поволни заеми од меѓународни финансиски институции. Инвестицискиот пакет од 3,2 милијарди евра е канализиран преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) – инвестициска платформа предводена од ЕУ со повеќе донатори и основно финансиско средство за спроведување на Економскиот и инвестицискиот план во областите на јавната инфраструктура и конкурентноста на приватниот сектор.

Проектите во овој прв пакет ги покриваат приоритетните сектори на Планот:

  • Одржлив транспорт:изградба на главни патни и железнички врски во регионот, вклучувајќи ги Медитеранскиот коридор,коридорот Исток-Запад и Рајна-Дунав и железничкиот коридор меѓу Скопје во Северна Македонија и бугарската граница. Овие проекти ќе ја олеснат регионалната трговија, ќе го намалат времето на патување и ќе поттикнат одржлив економски раст, носејќи големи придобивки за локалното население и бизнисите во регионот.
  • Чиста енергија:Развој на обновливи извори на енергија со изградба на соларни централи и Трансбалкански коридор за пренос на електрична енергија, што ќе биде помогне во успешна транзиција на чиста енергија во регионот и ќе придонесе за постепено укинување на употребата на јаглен.
  • Животна средина и клима: Изградба на пречистителни станици кои се од суштинско значење за зелените перспективи на регионот и ќе помогнат да се зачува здравјето и благосостојбата на луѓето во Западен Балкан.
  • Дигитален: Развој на рурална широкопојасна инфраструктура за да се обезбеди универзален пристап низ Западен Балкан.
  • Човечки развој:Изградба на нова зграда на универзитетска детска болница за да се зголеми нејзиниот капацитет и да се вклучат нови дијагностички и третмански технологии.

Имплементацијата ќе започне наскоро по потпишувањето на договорите со меѓународните финансиски институции, кои се очекуваат во текот на 2022 и 2023 година.

Контекст

 Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан има за цел да го поттикне долгорочното закрепнување, да ја забрза зелената и дигиталната транзиција, како и да ја поттикне регионалната соработка и конвергенција со ЕУ. До 9 милијарди евра грантови на ЕУ од ИПА III се распределени за Планот, кој ќе мобилизира дополнителни 20 милијарди евра инвестиции.

Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) е заедничка финансиска платформа на Европската комисија, финансиските организации, земјите-членки на ЕУ и Норвешка, чија цел е да ја зајакне соработката во инвестициите во јавниот и приватниот сектор за социо-економскиот развој на регионот и да придонесе за европската интеграција на Западен Балкан. WBIF е основното финансиско средство за спроведување на амбициозниот економски и инвестициски план на ЕУ за приоритетите на политиката и инвестициските предводници на Западен Балкан.

Глобална порта е придонесот на ЕУ за намалување на глобалниот инвестициски јаз во светот за поддршка на одржливиот развој. Со оваа стратегија, ЕУ ја засилува својата понуда до своите партнери со големи инвестиции во развојот на инфраструктурата низ целиот свет. Во текот на следните седум години, ЕУ и нејзините земји-членки ќе мобилизираат до 300 милијарди евра јавни и приватни инвестиции во дигиталните, климатските и енергетските сектори, транспортот, здравството, образованието и истражувањето. Глобална порта ќе испорача одржливи и висококвалитетни проекти, земајќи ги предвид потребите на земјите партнери и обезбедувајќи трајни придобивки за локалните заедници.