Европската комисија препорача на Украина и Молдавија да им се додели кандидатски статус за членство во ЕУ. Објавата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, следува ден по посетата на лидерите на Франција, Германија, Италија и Романија на Киев.
„Имаме една јасна порака, а тоа е дека Украина заслужува европска перспектива, Украина треба да добие кандидатски статус. Сепак, многу важна работа мора да се заврши, земјата мора да продолжи со реформите. Целиот процес е заснован на заслуги и целиот напредок зависи исклучиво од Украина. Сè е во нејзини раце“, изјави Фон дер Лајен.
Препораката е само прв чекор на долгиот пат кон полноправното членство во ЕУ. Таа прво треба да биде прифатена од 27-те членки на блокот, за што ќе се расправа на самитот што ќе се одржи на 23/24 јуни.
Грузија не доби поддршка од Европската комисија и од неа беше побарано прво да исполни одредени услови.
„Молдавија е на вистински прореформски, антикорупциски и европски пат. Грузија мора да пронајде политичко единство и да дизајнира јасен пат кон структуралните реформи и ЕУ“, појасни Фон дер Лајен.