Во Варшава на 9 април ќе се одржи донаторска конференција за собирање пари за милиони Украинци кои беа принудени да ги напуштат своите домови поради руската инвазија, соопшти Европската комисија.
Конференцијата има за цел да собере средства за Украинците кои се раселени во земјата, како и за украинските бегалци во странство.
Конференцијата доаѓа како резултат на кампањата на социјалните медиуми на Европската комисија, канадската Влада и невладината организација Глобален граѓанин (Global Citizen) за собирање пари и други донации за луѓето раселени поради руската инвазија. Познати личности, меѓу кои Мадона, Елтон Џон и Мајли Сајрус веќе дадоа поддршка.
До денеска, над четири милиони Украинци ја напуштиле земјата по инвазијата на руските сили на 24 февруари, според бројките на ОН. Покрај тоа, околу 6,5 милиони луѓе се раселени во Украина.