Европската комисија одобри дваесет милијарди евра германска помош за компаниите и 836 милиони евра полска помош за земјоделците што трпат загуби како последица од санкциите воведени кон Русија по нејзината инвазија на Украина.
Германија најави директна помош преку грантови, даночни и платежни олеснувања, повратни аванси, гаранции, заеми, хибридни хартии од вредност за компании од сите сектори, со исклучок на оние од областа на финансиите.
Помошта на компаниите во земјоделството, рибарството и аквакултурата ќе биде ограничена на 35 илајди евра, додека во останатите сектори на 400 илјади евра.
Полска пак за своите земјоделци најави директна неповратна помош поради раст на трошоците за вештачко наѓубрување, предизвикани од актуелните геополитички околности и воведените санкции.
Земјоделците можат да побараат до 500 злоти (107 евра) по хектар обработливо земјиште и до 250 злоти (53,5 евра) по хектар пасиште. Лимит е износ што соодветствува на површина од 50 хектари, се наведува во соопштението што денеска го објави Европската комисија.