Европската комисија и Австрија денеска ќе го објават склучувањето договори за испорака на вакцините против КОВИД-19 за Западен Балкан. 651.000 дози на Бионтек /Фајзер се финансирани од Европската комисија и ќе бидат споделени со помош на Австрија. Првата испорака до сите партнери во регионот треба да се изврши во мај, а испораката на останатите количини ќе продолжи до август.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, рече: „Клучно е да се забрзаат кампањите за вакцинација насекаде. Среќна сум да објавам дека обезбедивме дози за да помогнеме во вакцинирањето на здравствените работници и другите ранливи групи во Западен Балкан. Европската унија е покрај нашите партнери во регионот кои бараа поддршка од нас. Сакам да и се заблагодарам на Австрија за олеснувањето на овој трансфер, покажувајќи ја нејзината цврста посветеност и солидарност со Западен Балкан.“
Комесарот за проширување и соседство, Оливер Вархеји, додаде: „И покрај сегашниот глобален недостиг, ЕУ ќе достави вакцини за спасување животи за Западен Балкан. Обезбедивме поддршка од почетокот на пандемијата со КОВИД-19: Прво, со итна медицинска опрема како маски, респиратори, единици за интензивна нега и возила за брза помош; второ, со зајакнување на отпорноста. Сега, ќе помогнеме да се обезбеди вакцинација на сите медицински работници кои се на првата линија низ целиот регион, како и на некои од другите ранливи групи. Ние се грижиме за Западен Балкан чија иднина е во Европската унија “
Австрискиот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг, истакна: „Главен приоритет е да се направат вакцините против КОВИД-19 брзо и сеопфатно достапни за луѓето ширум Европа. Во овој контекст, поддршката за Западен Балкан за добивање вакцини е чин на европска солидарност и инвестиција во здравјето и безбедноста на целиот регион. На крајот на краиштата, празни места на картата за вакцинација, каде и да се, претставуваат опасност за сите нас. Никој не е безбеден се додека сите не бидат безбедни “.
Австрија го олесни споделувањето на овие вакцини преку правни договори со производителот и партнерите од Западен Балкан. Дозите се финансираат од пакетот вреден 70 милиони евра усвоен од Комисијата во декември 2020 година за да се покријат трошоците за вакцините, обезбедени преку договорите за авансна набавка на ЕУ за партнерите од Западен Балкан. Целокупната дистрибуција помеѓу земјите ќе се заснова на епидемиолошките потреби, приоритет се медицинските работници кои се на првата линија и другите ранливи групи.