Западен Балкан, според својата географија и историја, како и преку ветувањето за иднината што го носи, се во срцето на европскиот континент, носи лузни кои нѐ потсетуваат и на несигурноста на мирот и на силата на нашата Унија, рече денеска францускиот претседател Емануел Макрон во својот говор пред Европскиот парламент во Стразбур каде ги претстави приоритетите на француското претседателство со ЕУ.
„Затоа денеска и ние имаме вокација да знаеме како да ги преиспитаме нашите односи со земјите од Западен Балкан и да им дадеме на појасен и почитлив волонтаристички начин искрени изгледи за членство“, рече Макрон.
Како што јавува МИА од Франција, тоа, според францускиот претседател, не треба да биде „членство против, за да се одбијат странските обиди за дестабилизација на сегашно време, туку членство за пристапување на проектот (на ЕУ) во разумен рок“.
Макрон во говорот потсети на новата процедура за пристапување во ЕУ.
„Ние ја модернизиравме процедурата за преговарање овие последни месеци, исто така многу конкретно знаеме дека сегашна Европа со нејзините оперативни правила може да стане Европа на 31, 32 или 33. Затоа нема да се лажеме самите себе си“, рече Макрон.
Во контекст на конференцијата за иднината на Европа и резултатите следниот мај, тој вели дека треба да ги преиспитаат правилата за одлучување, за да ги направат појасни, почитливи, за да можат побрзо и посилно да одлучуваат, но и политички да бидат искрени за рамката на таа Европа во која Западен Балкан има место.
Тој понатаму објасни дека „мораме повторно да ги измислиме и правилата за работа и географијата на нашата Европа“.
„Еве зошто конференцијата за иднината на Европа треба да биде проследена со конференција за Западен Балкан организирана веднаш по неа, по која ќе бидеме во можност да се осврнеме на оваа клучна тема“, заврши тој.