ЕУ економски и морално е суперсила, но не и воено, истакнува шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и наведува дека членките мораат да сфатат дека во случај на потреба Европа треба да биде во можност да се брани и дека и е потребно да има оружје.

Борел, во интервју за виенскиот дневник “Cronnen Zeitung”, рекол дека тоа не мора да биде преку војска на ЕУ.

„Ниедна од 27-те армии нема да биде заменета со единствена европска војска. Мораме само да ги обединиме нашите сили, подобро да ги координираме и подобро да инвестираме во одбрана. Ништо повеќе. Издвојуваме за одбрана исто колку и Кина и четири пати повеќе од Русија. Поради должничката криза влеговме во фаза на разоружување. Поради тоа повеќе не можеме да се соочиме како што треба со актуелните предизвици. Ефикасност е клучен збор, во спротивно тоа е само фрлање на пари“, објаснил Борел.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ рекол дека агресијата на Русија на Украина довела до тоа драмата на војната, која за Европа била далеку, сега да се врати на нејзина територија.

На прашањето дали не ги сфатиле сериозно предупредувањата на Полска и балтичките земји на опасноста од руска агресија, Борел рекол дека историјата и географијата се од огромно значење за разбирање на кризата.

„Литванија географски и историски е позагрижена за Русија отколку југот на Шпанија, каде што повеќе се грижат за северна Африка. Ние во Европа не треба поделено да им пристапуваме на предизвиците, туку заедно“, порачал тој.

На констатацијата дека еднаш изјавил дека “Европа мора да научи да зборува на јазикот на силата”, констатирал дека таа реченица постојано го следи, и објаснил дека мислел на глобалното влијание.

„Русија, САД и Кина во тоа имаат искуство, но и воено, и на тоа се базира нивната моќ. Не станува збор само за воена сила. Европа е основана како мировен проект, кој преку економска соработка треба да создаде меѓусебна зависност и така да придонесе за мир. Човековите права се слободи и почитување. Денес тоа не е доволно. Русија ја користи трговијата како оружје“, вели тој.

Оценил дека неутралноста денес не е иста како за време на Студената војна.

„Неутралноста денес не ја спречува Австрија да учествува во мировни мисии, на пример на Мали, во БиХ, ,Мозамбик“, потсетил Борел.

Следната недела министрите за одбрана на ЕУ ќе претстават план за мисија на воена обука во Украина, а запрашан како тоа ќе изгледа, Борел рекол дека ЕУ ја поддржува украинската војска со оружје и дека е важно војниците да се обучат како да го користат.

Украинците, објаснил, ќе бидат обучувани, за разлика од Мали, не во Украина, туку во Европа.

„Пологично е војниците од Мали да се обучуваат во рамките на својот екосистем на борба против терористи во пустина, отколку да се носат во Европа“, рекол тој.

Признал дека ЕУ во Мали немала успех и дека тоа мора да се прифати.

„Русија е сега присутна во тој регион. Мораме да спречиме тоа дополнително да се шири“, подвлекол тој.

Борел, на констатацијата дека австриското население е скептично кон санкциите против Русија, нагласил дека тоа се рестриктивни мерки, со кои се ограничуваат економските можности на Русија.

„Се додека руската економија е зависна од гас и нафта и потребни и се нашите технологии, Русија е во проблем, а ние сме, секако, краткотрајно, пред големи предизвици. Цената на гасот расте, и тоа не може да се негира. Но мораме да бидеме подготвени да платиме цена за слобода. Војната во Украина не е само војна на Украинците, туку војна за нашата слобода“, уверен е Борел.

Енергетската криза, според неговите зборови, е најголемата криза која Европа ја имала.

„Најпрво имавме должничка криза, потоа пандемиска, и сега енергетска. Единственото решение е единство“, рекол Борел.

Рекол дека постои и глобална демократска криза, односно дека зајакнуваат авторитарните режими и дека се враќаат старите империи.

„Русија сака да се врати на царизмот, Кина и Турција имаат империјално однесување. И по тоа прашање единствено решение е единство. Секој што ќе остане сам нема да преживее“, нагласил тој.

Запрашан како светот би можел да изгледа за пет години, Борел рекол дека не знае, бидејќи последните пет години веќе имал доволно грижи за светот.