Францускиот Асвел Вилербан приреди вистинско изненадување кој ја прекина лошата серија на порази со триумф на гости кај Олимпијакос со 63:69. По израмнетото прво полувреме, гостите успеаја во третата четвртина да дојдат до предност од девет поени разлика и во последните 10 минути ги издржаа налетите на фаворизираниот домаќин за на крајот дојдат до шестиот триумф сезонава. Јабусел со 19 поени беше најдобар кај Асвел, додека Харисон со 13 поени беше најпрецизен во редовите на Олимпијакос.

Најнеизвесниот натпревар се играше во Минхен каде Реал Мадрид по продолжението од пет минути го совлада Баерн со 76:81. Гостите од Мадрид во најголем дел од натпреварот беа во водство, но домаќините не се откажаа и во финишот поведоа со 72:70. На 22. секунди до крајот Габриел Дек поентира за Реал и го однесе натпреварот во продолжението од пет минути. Во него, Реал веднаш направи серија од 6:0 и си ја обезбеди 13. победа сезонава. Таварес со 26 поени и 9 скока беше најдобар во победничкиот тим, додека Рејнолд постигна 18 поени за Баерн.

Екипата на Фенербахче дојде до петтата победа по ред со која си ги зголеми шансите за освојување на едно од првите осум места на табелата кои носат пласман во разигрувањето за титулата.
Последната жртва на Фенербахче е Панатинаикос кој е победен со убедливи 100:74. Сите дилеми околу победникот беа разрешени по првата четвртина која турскиот тим ја доби со 19 поени предност (31:12). Најдобар во турскиот тим беше Марко Гудуриќ со 18 поени, додека кај Панатинаикос се истакна Вајт со 13 поени.

Резултати:
ЦСКА Москва – Барселона 75:88
Фенербахче – Панатинаикос 100:74
Зенит – Жалгирис 77:65
Баерн – Реал Мадрид 76:81
Олимпијакос – Асвел Вилербан 63:69
Валенсија – Црвена звезда 91:71