Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, ќе ја посети Крива Паланка во рамки на иницијативата за приближување на процесот на евроинтеграции до граѓаните на локално ниво. Рокас ќе се сретне со градоначалникот Сашко Митовски и членовите на Општинскиот совет. Разговорите ќе бидат насочени кон придобивките што ги носи членството во Европската Унија, како и директното влијание на европската поддршка врз подобрување на секојдневниот живот во овој регион.
Со почеток од 18:00 часот, амбасадорот Рокас ќе присуствува на свеченото отворање на новоизградениот урбан парк кај градскиот зелен пазар. Овој парк е дел од проектот „ПАРКОВИ“, финансиран преку Интеррег ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија. На површина од околу 2.000 квадратни метри, новото зелено катче ќе понуди пријатен простор за одмор и рекреација.
Проектот „ПАРКОВИ – Заштита на областите преку регионално знаење и одржливост“ има вкупна вредност од приближно 895.000 евра, од кои 388.000 евра се наменети за Општина Крива Паланка, а остатокот за водечкиот партнер, Општина Дупница од Бугарија.