Македонија треба да продолжи да бара решение за отворените прашања со Бугарија, но истовремено да ги спроведува и неопходните реформи. Ова во интервју за ТВ21 го изјави евроамбасадорот Дејвид Гир. Тој не сакаше да го коментира фактот што поради билатерални прашања Бугарија ја блокираше нашата земја и повторно останавме пред вратите на Европската унија. Знам дека тоа фрустрира и граѓаните сакаат да видат дека преговорите почнуваат, истакна Гир, но факт е дека за донесувањето одлуки ЕУ бара едногласна согласност.

„Прво треба да се удвојат напорите за да се постигне согласност. Значи, Скопје и Софија треба да продолжат да комуницираат со цел да се постигне прифатлив договор за двете страни. Второ, и најважно од се Северна Македонија мора да ја зачува динамиката на реформите. Патот кон ЕУ е преку имплементацијата на реформи, колку побрзо ги спроведе реформите Северна Македонија, толку побрзо ќе има можност да и се приклучи на ЕУ. Многу е важно да се задржи фокусот и на тоа“, истакна Дејвид Гир.

Но и покрај блокадата на Бугарија, Македонија остана на ставот дека разговорите треба да продолжат за да се најде заедничко решение. Во тој дух е и утврдувањето на Акцискиот план, кој треба да ја постави заедничката секторска соработка. Вчера и премиерот Заев рече дека тој план ќе отвори многу можности и за двете страни, но и за унапредување на соработката и приближување на двете земји.

„Акциониот план кој што ние го предложивме беше дополнет со идеи и размислувања од Бугарија и навистина прифатлив. Овде се работи само на креација како да збогатиме соработка која што ќе носи инвестиции. Најподатлива и најприфатлива и така да кажам најпозитивна за граѓаните е економската соработка, каде што значи отворање работни места, инвестиции наши во Бугарија, инвестиции од Бугарија во Северна Македонија, тоа е врзано со плати, со извоз, со бруто домашен производ“, посочи Зоран Заев.

Сепак и покрај најавите за тоа дека Македонија прифаќа пријателска соработка со источниот сосед, од бугарска страна не стивнуваат провокации, но и најави дека Бугарија не размислува да ја тргне блокадата. Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева по кусата средба што ја имаше со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи минатата недела рече дека никој не може да ја притисне Бугарија да дозволи пристапни преговори без Македонија да ги исполни нивните барања.