Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера го посети Универзитетот за информатични науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Гир заедно со Марк Барет, тим лидер во ГИЗ – Германското друштво за интернационална соработка, и претседателот на консултантската компанија „PrimePoint Partners“, Зоран Мартиновски, се сретнаа со проректорката за меѓународна соработка Устијана Речкоска – Шикоска и претставници од Ректорската управа, Сенатот и административниот тим на УИНТ.
На средбата било разговарано за предизвиците и можностите за одржлив економски развој во земјата и регионот, вклучување на бизнисите и младите луѓе кои би придонеле со свои идеи преку основање на стартапи за развој на локалната економија. Акцент бил ставен на можноста за искористување на потенцијалот на студентите на сите циклуси на студии на УИНТ „Св. Апостол Павле“, заедно со менторите од Универзитетот и ИТ компаниите, при креирање модерни ИКТ решенија што водат кон целокупен економски напредок, а со акцент на креативни решенија кои би помогнале кон одржлив развој на туризмот во Охрид, заштита на водите на Охридското Езеро, езерата и реките во земјата и регионот, како и одржливи решенија во земјоделието.
Делегацијата го посети Универзитетот за информатични науки и технологии „Св. Апостол Павле“ и просториите на „Ohrid Blue Economy Accelerator“ во рамки на Универзитетот, информираат од Универзитетот.