Поради прекин на снабдувањето со електрична енергија, жителите на село Грчец протестираа пред објектот на ЕВН. Жителите велат дека многу тешко подготвуваат ифтар и суфур за време на Рамазан и бараат што поскоро да се реши овој проблем. Обвинуваат дека од ЕВН не го одржале ветувањето дека ако постават броила на улиците, повеќе нема да имаат проблеми.

„Не го одржаа ветувањето што го дадоа, за малкумина страдаат сите, 70 проценти ги извадија на улица, останаа само малку. Сега најдоа, токму во Рамазан, да ни го расипат празникот, ја прекинаа струјата токму во месецот Рамазан. Има време после Рамазан, ова може да се среди и после Рамазан. Сега жителите се бунат, ќе протестираат пред ЕВН… Цело село е без струја четири дена“, изјави Реџеп Љатифи, претседател на месната заедница, Грчец, пренесува Алсат.

„Четврти ден децата не одат на училиште. Ветувањето беше дека ако броилата бидат извадени на улица ќе се среди, но тие не го одржаа ветувањето. Редовно Грчец има проблем со струјата, но се договоривме, тие што ќе ги извадат борилата за струја на улица никогаш нема да имаат проблем со струјата. Сега 70 проценти се на улица. За оние 30 проценти да страдат сите, не може. Овие овде се тие што плаќаат струја, редовни се и имаат проблем и во месецот Рамазан со суфур и ифтар“, додаде Вулнет Рустеми, жител.

Од ЕВН велат дека прекинот се случил како последица на дефект предизвикан од континуирано незаконско користење на електрична енергија од страна на жителите. Од таму нагласуваат дека дефектот од кој целото село останало без струја, се случил вчера во 8 часот. Сè уште не успеваат да ги санираат штетите бидејќи работниците на теренот биле попречувани да пристапат до опремата.

„Овој дефект е последица на континуираното незаконско и неконтролирано користење на електрична енергија од страна на жителите. Преоптоварени и оштетени се трафостаниците, како и другата опрема, а како резултат на тоа се јавуваат сериозни дефекти. Екипите на електродистрибуција додека ги отстрануваат дефектите и вршат технички активности во ова село, се попречувани од жителите и често се соочуваат со вербални и физички напади“, велат од ЕВН.

Покрај Грчец, проблеми со недостиг на струја имаат и уште неколку населени места.