ВМРО-ДПМНЕ во следните денови во Собрание ќе го предложи текстот на предлог резолуција која што ги дефинира македонските државни позиции за евроинтеграции, но исто така и позиции по однос на било какви негирања на македонскиот јазичен, културен или национален идентитет, бидејќи тоа е спротивно на европските вредности.
-Резолуции по националните прашања се носат и во Бугарија, и во Германија, и во Словенија, и во Романија, и во Италија. Тука зошто Македонија би била исклучок, и зошто власта не би била спремна во Собранието да отвориме расправа и да изградиме широк консензус за предлог резолуцијата за македонските црвени линии која што доколку се усвои од Собранието на Македонија нема да биде од помош само за македонската дипломатија и општество туку ќе им помогне и на нашите пријатели во рамките на ЕУ. Бидејќи оваа предлог резолуција се заснова на повелбата на Обединетите Нации и на Конвенцијата за човекови права на Советот на Европа од Стразбур, вели Антонио Милошоски.
Ова е дел од резолуцијата која ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поднесе до Собранието.
-Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ.
-Да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, повторувам континуитет.
– Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто:
-Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет.
– Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор.
– Споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, понатаму подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам.
-Процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите.
– Да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни Конвенции и Декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи.
-Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност.