Само 328 лица од Република Македонија се пријавиле да гласаат на парламентраните избори во Бугарија што ќе се одржат на 4 април, пишува бугарскиот весник „Сега“.

Рокот за пријавување на бугарските државјани од странство, кои сакаат да учествуваат на парламентарните избори во Бугарија, истече синоќа во 23 часот.

Според податоците на бугарската Централна изборна комисија, што ги пренесува онлајн изданието на „Сега“, вкупно се пријавиле 87.216 лица кои ќе можат да гласаат во амбасадите и конзулатите на Бугарија во странство.

Најмногу пријавени има во Турција – 20 854, во Велика Британија – 16 159 и во Германија – 13 493. Во Шпанија за гласање се пријавиле 7 743 бугарски државјани, во САД (5 030), Италија (2 719), Австрија (2 114), Холандија (2 025), Франција (1949) и Грција (1 941).

Изненадувачки, според „Сега“, е малиот број на пријавени во соседните балкански земји.

– Во Македонија, со која се влошени билатералните односи поради спорните историски прашања, се пријавија само 328 лица (помалку од 422 во далечната Австралија). Само 172 апликации дошле од Србија и 58 од Романија, наведува весникот.