Управата за јавни приходи (УЈП) денеска објави детали за начинот на кој нафтени компании со лажни фактури сакале да добијат поврат на ДДВ и исплати по основ на Данок на личен доход, во износ од 160.117.130 денари, односно 18. 969.998 денари.
На брифинг за медиуми од УЈП информираа за спроведени контроли кај три даночни обврзници регистрирани за вршење дејности трговија со нафта и нафтени деривати на големо и мало кои пристапиле кон изигрување на законите преку промена на назив и седиште на правното лице, како и промена на сопственичката и управувачката структура, без да имаат пријавени вработени, соодветни лиценци од Регулаторната комисија за енергетика, бензинска пумпа и складишен простор, служејќи се со фиктивни фактури за милионски суми.
-Во сите случаи е утврдена меѓусебна поврзаност од различни аспекти што упатува на сомневање дека се работи за однапред осмислена и добро разработена шема на делување при што со издавање и примање на фиктивни фактури направен е обид за изигрување на законот и стекнување на противправна имотна корист, рече директорката на УЈП Сања Лукаревска.
За овие случаи доставиле писмени пријави со докази до Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи на 15 ноември 2023 година, а до Управата за финансиска полиција на 1 декември 2023 година.
-Нема оштетување на Буџетот затоа што даночните службеници спречиле исплати за поврат на ДДВ од 160.117.130 денари и за Данок на личен доход од 18.969.998 денари. Со тоа што навремено сме известиле и сме ги превенирале овие состојби нема штета на Буџетот, информираше Лукаревска, потсетувајќи дека УЈП не може да ги објави имињата на даночните обврзници поради тоа што се обврзани на даночна тајна.
Лукаревска прецизираше дека извршени се три контроли по основ на Данок на додена вредност, една контрола по основ на Данок на личен доход, една контрола на увид во состојба на залихи односно попис, како и пет контроли на деловни односи, а во тек е за завршен обврзник и по завршување на контролата на ДДВ отворен е налог за данок на добивка и данок на личен доход.
Врз основа на расположивата документација и сознанија до кои дошле овластените служби и лица утврдено е дека начелно се работи за даночни обврзници кои од своето основање како правни лица во Централниот регистар се регистрирани за вршење дејност – трговија со нафта и нафтени деривати на големо и мало, како и обврзник кој престанал да ја обавува првичната дејност за која бил регистриран и продолжил да се занимава со трговија со нафта и нафтени деривати. Дел од нив, како што појасни, во Централниот регистар извршиле промена на назив и седиште на правно лице, а заеднички е тоа што во одреден критичен момент извршиле и промена на сопственичката и управувачката структура со што како нов основач, сопственик и управител се јавуваат странски државјани. Станува збор за три даночни обврзници, односно три посебни случаи и вкупно пет добавувачи. Во основ на сите контроли имаме наод од страна на инспекторите, укажа Лукаревска.
Кај првиот и третиот даночен обврзник, како што појасни, првичен сопственик и управител на двете правни лица пред да се изврши промената и да се назначи нов основач и управител било едно исто лице, кое во 2023 година го има сменето презимето од негови познати фамилијарни причини, а овластен сметководител на двете правни лица е едно исто правно лице.
Како што потенцира Лукаревска, во сите три случаи за обавување на дејноста правните лица не поседуваат лиценца за трговија со нафта и нафтени деривати од Регулаторната комисија за енергетика, немаат бензинска пумпа, ниту складишен простор да да ја чуваат нафтата.
Кај првиот контролиран случај станува збор за утврдени неправилности по основ на ДДВ од 79.350.190 денари, во вториот од 26.090.205 денари, а во третиот случај за 54.676 милиони денари.
Конкретно, кај првиот случај извршена е надворешна контрола по основ на ДДВ во период од 1 септември 2021 година до 31 март 2023 година, при што се утврдени неправилости, односно даночниот обврзник помалку пресметал, пријавил и платил ДДВ во износ од 79.350.190 денари. Контролата е почната на 17 мај 2023 а е завршена на 15 декмеври 2023 година. Утврдено е дека даночниот обврзник во 2022 година извршил промена на назив на субјектот и на седиштео на правното лице, авоедно и промена на сопственичката структура со тоа што како нов основач, сопственик и управител се јавува државјанка на Република Хрватска. Преносот на сопственоста бил извршен без надомест со сите побарувања и обврски и салдо на залихи во милионски износ. Од извршениот увид на лице место на седиштето на правното лице е утврдено дека на претходно пријавената адреса се наоѓа стра семејна куќа, а на новопријавената трговски центар, што укажува на фактот дека пријавените адреси за седиште на правите субјекти се фиктивни.
Од УЈП утврдиле и дека сите книговодствени евиденции се избришани во книговодственото биро, а претходниот сопственик на фирмата ги подигнал сите документи од сметководителот и избегал. На контролата не и е доставена никаква деловна документација ниту сметковдоствена евиденција и е извршена врз основа на расположивата службена документација и евиденција на УЈП. За обавување на дејноста правното лице не поседува лиценца од РКЕ, бензинска пумпа и складишен простор. Постои сомневање дека даночниот обврзник издавал и примал фиктивни фактури како од правни лица кои се регистрирани за цели на ДДВ, така и од правно лице кое не е ДДВ обврзник.
Кај вториот случај е извршена контрола по основ на ДДВ за период од 1 јануари 2020 година до 30 јуни 2023 година, при што се утвредни неправилности со кои даночниот обврзник помалку пресметал, пријавил и платил ДДВ во износ од 26.090.205 денари. Таму е извршена и контрола по основ на Данок за личен доход за период од 1 јануари 2023 до 30 јуни 2023 со утврден наод од 18.969.998 денари. Контролата на ДДВ е почната на 6 септември 2023 година, а е завршена на 15 септември 2023 година, а по основ на Данок на личен доход е почната на 25 септември а е завршена на 26 септември 2023 година. Утврдено е дека врз основа на договор за пренос на удел извршена е промена на сопственичка и управувачка структура со тоа што како нов основач, сопственик и управител се јавува државјанин на Република Косово. По преземањето, правното лице престанало да ја обавува првичната дејност за кое било регистрирано и продолжил, а се занимава со трговија на нафта и нафтени деривати. Во контролираниот период даночниот обврзник нема ниту еден пријавен вработен, пресметано и исплатено плата. Исто така, не поседува соодветна лиценца, нема складишен капацитет, ниту исполнува други услови за вршење на таа дејност. Утврдено е дека во контролираниот период искажал набавка на нафта и нафтени деривати по повеќе од 80 фактури во милионски износи. Фактурите не се книжени во книговодствено правните лица добавувачи ниту го искажале износот на ДДВ како обврска што доведува до сомневање во веродостојноста.
Контролата по основ на ДДВ за третиот случај е вршена контрола за периодот од 1 јануари 2023 до 30 јуни 2023 година и е утврдено дека даночниот обврзник помалку пресметал, пријавил и платил ДДВ во износ од 54.676.727 денари. Контролата езавршена на 6 декември 2023 година. Правното лице било основано на крајот на 2022 година, а во 2023 година е извршена промена на седиште и на сопственилчката структура, а нов основач, сопственик и управител е државјанин на Косово. Исто така нема соодветни лиценци, бензинска пумпа, складишен простор,… Во 2023 година е извршена набавка на нафта и нафтени деривати по повеќе од 60 влезни фактури во милионски износи од добавувач, а а во неговата книговодствена евиденција е прокнижена само една излезна фактура. Иако имале сметководствени евиденции за залихи, а на лице место немало бензинска пумпа, складишен простор, ниту продажба на нафта и нафтени деривати.