Амбасадата на Република Бугарија денеска преку соопштение до медиумите ги информира сите бугарски државјани во земјата дека на 14 ноември 2021 г (недела) ќе се одржат избори за претседател и потпретседател на Бугарија и вонредни парламентарни избори.
Од Бугарската амбасада посочуваат дека изборите ќе се одржат со одобрение и помош на официјалните надлежни институции на Северна Македонија в недела на 14 ноември во периодот од 7 до 20 часот. Доколку има втор круг на претседателските избори, тие ќе се одржат на 21 ноември 2021 година, при што местата и времето за гласање во земјава остануваат непроменети.
– Може да гласате со лични документи – лична карта или пасош, како и со документи чија важност истекла по 13 март 2020 година, без да бидат обновени. Гласањето е уставно право на секој бугарски граѓанин, се наведува во соопштението на Амбасадата на Република Бугарија во земјава.