Премиерот Зоран Заев е уверен дека Европа го чувствува проблемот и обврската дека конечно мора да направи исчекор и оти Северна Македонија, која чека 16 години, има над дваесетина вета, а е на врвот со извршување на реформите, треба да ги почне преговорите и треба да се одржи првата меѓувладина конференција. Сепак, тој нагласува дека очекувањата не треба да се преголеми, за земјата да не доживее разочарување, со оглед на блокадата од бугарска страна. ЕУ земјите сметаат дека проширувањето на Унијата не смее да запре. Северна Македонија, вели германската амбасадорка Анке Холштајн, одамна ги исполнила потребните услови. Вметнувањето нови услови за процесот на проширување, нагласува таа, е лош сигнал за сите и остава можност за нови билатерални прашања кои ќе го кочат процесот на проширување. Сепак, таа потсетува дека одлуката за проширување треба да биде донесена едногласно од сите земји членки.
Премиерот Заев вчера и завчера беше во Брисел каде на покана на потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за безбедносна и надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, присуствуваше на заедничката работна вечера со лидерите на земјите од Западен Балкан, а имаше и средба со шефот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.
Претседателот на Европскиот Совет е всушност премиерот на една влада составена од европските лидери на земјите членки и разговаравме детаљно како што разговаравме и вчера на вечерата со високиот претставник за надворешна политика и безбедност, господинот Борел. Заклучокот е дека Европа си го чувствува проблемот и обврската дека конечно мора да направи исчекор, секако доминантно заради Северна Македонија којашто чека 16 години, која има преку дваесетина вета и навистина е на врвот со извршување на реформите, потврдено во сите извештаи и сме модел на европски начин на решавање на проблемите. На крајот треба Европа да испорача само пола чекор, затоа што ние имаме одлука за почеток на преговорите, не е за поглавјата туку е за првата Меѓувладина конференција, изјави премиерот Заев за МИА по средбата со Шарл Мишел.
Македонскиот премиер нагласи дека лидерите „ќе бидат доволно фокусирани на изнаоѓање на решение за таа 27-ма членка да ја придобијат во одлуката“. Како позитивна порака, шефот на Владата го издвои фактот што тензиите меѓу Северна Македонија и Бугарија се спласнати.
-Јас верувам дека бугарскиот народ како и македонскиот сакаат пријателство, сакаат позитивни исчекори и јас како еден од лидерите во Северна Македонија го чувствувам тоа. Верувам дека и лидерите во Бугарија го чувствуваат тоа затоа што е наша обврска да ја отвориме иднината, рече Заев за МИА.