Во општина Кичево, како резултат на поплавите, се евакуирани и згрижени вкупно 250 лица. Од нив, 61 се деца – меѓу кои едно дете на возраст од 1 месец, едно од 2 месеци, едно од 7 месеци и 58 деца на возраст од 2 до 10 години. Меѓу евакуираните има и 189 возрасни лица, од кои 102 жени и 87 мажи, како и 11 лица со инвалидитет.

Од Црвениот крст, исто така, соопштија дека со материјална штета се засегнати вкупно 362 домаќинства, односно околу 1.200 лица кои се соочуваат со последиците од временската непогода.

За привремено сместување на евакуираните е обезбедена спортската сала „Христо Узунов“ во Кичево, каде им се обезбедуваат основни услови за престој.

Надлежните служби и Црвениот крст на РСМ остануваат на терен и продолжуваат со активностите за помош и поддршка на погоденото население.

„Волонтерите на Црвен крст на Република Северна Македонија продолжуваат да бидата на терен и активно обезбедуваат помош и поддршка за загрозените од поплавите низ нашата државата. Тие неуморно работат на дистрибуција на хуманитарна помош, вклучувајќи сместување, храна, вода, топли оброци, душеци, ќебиња и основни хигиенски средства со цел да им помогнат на семејствата кои се соочуваат со тешки последици од временските непогоди“, велат од Црвениот крст.

Покрај материјалната помош, волонтерите пружаат и психосоцијална поддршка (ПСС), обезбедувајќи разговор, емоционална поддршка и насоки за справување со стресот и траумата предизвикани од поплавите. Тие помагаат при евакуација, вршат проценка на потребите на погоденото население и соработуваат со локалните институции за побрзо и поефикасно справување со состојбата на терен.

Текстот Евакуирани 250 лица по поплавите во Кичево, од нив три се бебиња, а 58 деца на возраст од 2 до 10 години е превземен од МАКФАКС.