Европските институции се подготвуваат да ги примат Романија и Бугарија во Шенген во 2023 година, рекоа извори од ЕП. Влезот во Шенген зоната ќе се одвива етапно – од октомври во однос на воздушните граници, а до 1 јануари 2024 година ќе се укине и контролата на копнените граници, јавува Еуроактив Романија, врз основа на информации од сигурни извори, пренесува Трибуна.

Според изворите, Бугарија има сериозни шанси, доколку изврши дипломатски притисок и покаже подготвеност да продолжи со реформите, да добие членство во Шенген уште во октомври годинава во однос на воздушните граници и перспектива за полноправно членство во однос на копнените граници од јануари 2024 година.

„Владата на Марк Руте даде неофицијални сигнали дека ги цени напорите на бугарскиот парламент и на последните четири влади да иницираат вистински судски реформи со воведување независен механизам за истрага за главниот обвинител, кој беше усвоен на крајот на мај“, тврди изданието.

Втората главна причина за отстранување на пречките за влез на Бугарија во Шенген е изборот на влада во Софија по долготрајната политичка криза, при коja претседателот Румен Радев назначуваше преодни влади.

Меѓу другото, новата влада изјави дека има намера да ја преиспита политиката на Радев кон Украина и одлучи земјата на претстојниот самит на НАТО да ја претставува премиерот Николај Денков наместо претседателот. Според изворите, европските партнери на земјата се надеваат дека главните заеднички цели, вклучувајќи ги целите за членство во Шенген и еврозоната, ќе ја одржат коалицијата заедно.