Новата бугарска влада одбива да преговара со Северна Македонија за олабавување на условите под кои Скопје може да ги почне преговорите за членство во ЕУ, наведува бриселскиот портал „Еурактив“.
Во текстот е наведено дека пред три години, Бугарија и Северна Македонија постигнаа договор, со посредство на Франција, за меѓусебни отстапки за деблокирање на процесот за европска интеграција на Западниот Балкан. Владата во Скопје се согласи да го вклучи бугарското малцинство во својот Устав, а властите во Софија ветија дека ќе го укинат ветото за почеток на преговорите со Северна Македонија.
„Еурактив“ понтаму ја пренесува изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека се чека на избор на редовна влада во Софија за да почнат преговори за укинување на бугарското вето. Првите сигнали од бугарска страна, се додава во текстот, се дека нема да има обнова на дијалогот.
Според бугарската страна вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија не е билатерален проблем, туку е услов на Брисел кон Скопје. „Еуроактив“ пренесува и изјава на бугарски министер кој вели дека се работи за т.н. „француски предлог“ којшто беше усвоен е европски консензус и земјата строго ќе се држи до тоа.