Киев мора да преземе решителни мерки за гонење на корумпирани политичари и бизнисмени ако Украина сака да се приклучи на Европската Унија, предупреди висок функционер во Брисел. Пораката доаѓа во време кога се зголемува притисокот врз украинскиот претседател Володимир Зеленски поради растечкиот број обвинувања за корупција што го потресоа неговиот најблизок круг, објавува Политико.

Во интервју за порталот, европскиот комесар за правда, Мајкл Мекграт, изјави дека европските влади нема да поддржат земја-кандидат како Украина да се приклучи на блокот од 27 земји, освен ако не докаже дека има ефикасен систем за искоренување на криминалот во самиот врв на општеството.

Мекграт зборуваше одговарајќи на прашања за заговор за проневера на околу 100 милиони долари од енергетскиот сектор на Украина. Истрагата се проширува за да вклучи и високи функционери блиски до Зеленски и неговата влада. Кратко по изјавите на Мекграт, антикорупциските истражители ги претресоа и канцелариите на еден од најмоќните советници на Зеленски, Андриј Јермак, како дел од тековната истрага. Јермак потоа поднесе оставка.

Обвинувањата доаѓаат во особено чувствително време за Украина, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Зеленски да прифати мировен договор што би можел да бара од него да отстапи територија на Русија. Во исто време, напредокот на Украина на нејзиниот пат кон ЕУ е забавен од противењето на Унгарија.

Еднакви стандарди за сите
Комесарот Мекграт нагласи дека истите правила важат за сите оние кои сакаат да се приклучат кон Унијата. „Мора да постои робустен систем во секоја земја-кандидат за справување со наводни случаи на корупција на високо ниво“, рече тој. „Мора да имате робустен систем за истраги и на крајот за гонења и пресуди, а докажана евиденција во таа област е нешто што го бараме од сите наши земји-членки, а секако и од оние кои сакаат да се приклучат кон Европската Унија“.

Тој додаде дека „владеењето на правото и судските реформи се во срцето на процесот на пристапување“ и дека ЕУ имала „многу отворен и искрен однос со украинските власти“ во врска со поставените барања. Тој предупреди дека стандардите за владеење на правото мора да ги исполнат сите земји што се приклучуваат. „Ако не ги исполнат, тогаш нема да ја добиете поддршката од земјите-членки на Европската Унија за да продолжите напред по патот на пристапување“, беше јасен.

На прашањето дали Украина прави доволно, Мекграт рече дека верува оти Киев вложува „најдобри напори“ за борба против корупцијата. „Тоа е патување и ние внимателно ги следиме случувањата и остануваме во постојан контакт со украинските власти за прашања што ни доаѓаат до знаење или што се објавуваат јавно“, заклучи тој.

фото: ЕПА

Текстот ЕУ ѝ постави ултиматум на Украина е превземен од МАКФАКС.