Република Северна Македонија треба без одлагање да премине во следната фаза од пристапните преговори со Европската унија, веднаш штом ги исполни претходно преземените обврски, вклучително и уставните измени. Ова стои во клучната препорака што синоќа ја усвоија пратениците од Собранието и европратениците во рамки на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ–Македонија, чиј копретседавачи се Иванка Василевска од ВМРО–ДПМНЕ и европратеникот Карло Реслер, јавува Телма.

По усвојувањето на документот, Реслер изјави: „Можам да ви честитам на сите и да објавам дека заедничките препораки се усвоени. Ви благодарам.“

Во првата препорака, Комитетот констатира дека меѓу политичките партии и граѓаните постои јасна поддршка за членство во ЕУ и ги охрабрува сите засегнати страни да го задржат фокусот на оваа стратешка цел. Втората препорака ја нагласува потребата процесот на проширување да продолжи врз основа на Копенхашките критериуми, индивидуалните заслуги на секоја држава и исполнувањето на критериумите, меѓу кои и уставните измени.

„Следната фаза од преговорите да се одржи без непотребно одложување, веднаш по исполнувањето на условите утврдени од Советот. Се повикува на одлучни чекори за унапредување на пристапниот процес согласно преговарачката рамка и за спроведување на претходно договорените обврски, вклучително и уставните измени. Постепената интеграција на кандидатите е позитивен процес, но не може да биде замена за целосно членство.“

Овој став произлегува како компромисно решение од амандманот 11 на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој беше вграден во конечниот текст. По грешка, Реслер првично соопшти дека амандманот не е усвоен, по што се исправи: „Во ред, се извинувам. Тој е усвоен како дел од компромисот број 2.“

Комитетот во вкупно 23 препораки ја нагласува важноста Северна Македонија да продолжи да гради добрососедски односи, како и да ги спроведува Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија.

Забележливо е дека за првпат земјата не е посочена како „позитивен пример“ за мултиетничко општество, туку Комитетот само ја признава како таква. Во осмата препорака се наведува:
„Признава дека Северна Македонија има мултиетничко општество со посветени институции и ја истакнува важноста од негување хармонични меѓуетнички односи и соработка.“

Како што дознава Телма, ваквата промена во формулацијата била направена на инсистирање на европратеници кои во јавни настапи на високи македонски функционери препознале националистичка реторика што, според нив, може да поттикне меѓуетничка нетрпеливост.