Европската унија во петокот презела чекори за враќање на патните ограничувања поради пандемијата на коронавирусот за САД и уште пет други земји, а меѓу нив е и Северна Македонија, пишува Дојче Веле.
Одлуката е поради растот на бројот на заразени, а веста за агенцијата Ројтерс ја потврдиле двајца дипломати на Унијата.
Освен Македонија, меѓу земјите за кои ќе се вратат ограничувањата се САД, Косово, Израел, Црна Гора и Либан.
Процедурата за одлуката започнала денеска, а се очекува да биде потврдена во понеделник доколку ниту една земја-членка на ЕУ не ја блокира.
Критериумите според кои се одредува дали граѓаните на некоја земја ќе можат туристички да патуваат во ЕУ ја опфаќаат актуелната епидемиолошка состојба и генералното справување со Ковид-19, како и квалитетот на информациите и изворите на податоци.
За македонските граѓани одлуката ќе значи дека повторно ќе се соочуваат со големи ограничувања при туристички, односно ткн. не-есенцијални патувања во ЕУ. Некои земји можат целосно тоа да го забранат, додека пак некои можат да наложат обврзувачки карантин при пристигнувањето.