Европската Унија категорично ги згасна надежите за повторна истрага на монтираните судски случаи. Во ексклузивното интервју за емисијата 200 на Алсат, амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, рече дека не само што Брисел не може да се меша во правосудниот систем на земјава, туку оти еден таков чекор би претставувал „колонизација“.

„Би било погрешно Европската Унија да интервенира и да одлучува наши судии или наши луѓе да ги разгледуваат овие случаи и да судат. Ова би претставувало повреда на државниот суверенитет и исто така би го поткопало судскиот систем. Што би се случило понатаму доколку некој кој е незадоволен од кој било случај, би барал интервенција и помош од ЕУ? Тоа би било форма на колонизација. Затоа, не можеме да направиме такво нешто“, рече Гир.

Отфрлајќи ја секоја можност за повторно судење, најмногу што може да направи ЕУ, според амбасадорот Гир е да ги поддржи судските реформи и да ги следи судењата за корупција од висок профил.

„Не е работа на ЕУ да интервенира и да ги разгледува пресудите на судиите. Ги поддржуваме судските реформи. Исто така ги следиме случаите на висока корупција во партнерство со ОБСЕ. Имаме проект кој ги следи случаите на висока корупција во Западен Балкан, но не можеме да интервенираме и да ги ревидираме одлуките на судиите. Но, ние испитуваме како функционира кривичното право, дали има недостатоци, дали можеме да дадеме препораки за подобрување на состојбата“, додава Гир.

Неодамна министерот за правда Кренар Лога побара од Европската Унија да ги испита монтираните судски случаи. Тоа беше и едно од главните барања на неговата партија Алијанса за Албанците пред да влезе во Владата. Токму со ова барање и Алтернатива влезе во Владата, а пред да заминат оттаму соопштија дека се чека официјалниот допис со барањето за истрага на монтираните случаи на потпис од премиерот. И ДУИ со години тврдеше дека бара меѓународна истрага, дури и од САД, за чувствителните судски процеси за Албанците.