Северна Македонија и Албанија денеска не добија датум за започнување преговори со Европската унија. И покрај очекувањата, Советот за општи работи на ЕУ не успеа да ја убеди Бугарија да го повлече ветото за Скопје.
Дебатата за проширувањето била бурна бидејќи Германија, Словачка и други земји инсистирале Бугарија да го отстрани ветото поради билатерален конфликт на кој не му е местото во ЕУ.
Од друга страна, бугарскиот претставник ги обвинил своите колеги дека не ја разбираат длабочината на проблемот помеѓу Скопје и Софија.
Португалската државна секретарка, Ана Паула Закариаш, ја охрабри Словенија да продолжи да бара решение за преговорите со Северна Македонија врз основа на нивниот предлог.
„Португалското претседателство даде максимум за да изнајде компромис, решение, сакавме денес да имаме не две туку четири меѓувладини конференции, вели Закариаш.
Албанија е колатерална штета бидејќи иако сите 27 земји членки се согласни дека Тирана ги исполнува сите услови за одржување на првата меѓувладина конференција, тие се држат до принципот дека двете земји не треба да се двојат.