epa10096784 A man passes in front of Bulgarian Parliament in Sofia on 29 July 2022. Bulgaria, which last year celebrated three general elections to achieve the difficult formation of the Government at the end of December, will have to organize the fourth in 18 months after the failure of the third and last attempt to create the Executive. Once the options are exhausted, the president will have to dissolve the Parliament on 01 or 02 August, convene elections within 60 days, which will end on an electoral date for 02 October, and to designate an interim Government until the creation of regular Government after the elections. EPA-EFE/VASSIL DONEV

29 септември 2022

(БГНЕС)

Надворешната политика на партиите кои се борат за влез во бугарскиот Парламент е пред сè ориентирана кон една цел – заштита на националните интереси. Надворешнополитичките цели на повеќето партии се во контекст на војната во Украина и развојот на земјата во структурите на ЕУ и НАТО.

Во предизборните програми на партиите се забележува сè посилна тенденција да се работи за поддршка на земјите од Западен Балкан, како и за односите со Балканот воопшто, каде приоритет е обновувањето и зајакнувањето на билатералните односи со земји како Северна Македонија, Турција, Грција и Романија. Активното учество на Бугарија во ЕУ и НАТО е меѓу главните приоритети на ГЕРБ, „Продолжуваме со промените“, „Демократска Бугарија“ и ДПС. Новата стратегија за работа со Бугарите во странство е меѓу приоритетите на речиси сите политички партии кои претендираат да управуваат со земјата.

ГЕРБ

Бугарскиот национален суверенитет е основата на надворешната политика на партијата ГЕРБ.

Колективната одбрана и безбедност во НАТО и ЕУ е меѓу главните приоритети, како и принципите на демократијата и заштитата на човековите права и индивидуалните слободи.

ГЕРБ ќе се фокусира на бегалската и миграциската криза, воената помош за Украина „без тоа драматично да влијае на одбранбените капацитети“, сајбер заканите и европската и националната сајбер инфраструктура.

Според ГЕРБ, земјите-партнери од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија треба да бидат фокусирани на склучување и обезбедување на нови долгорочни договори со земји и компании доставувачи на течен природен гас (ЛНГ), како на линијата на трансатлантските односи, така и во Северна Африка, Блискиот Исток и Централна Азија. Фокусот на ЕУ треба да биде на зголемување на производството на зелен водород како гаранција за постигнување енергетска независност од Русија.

ГЕРБ наведува три начини за откажување од руската енергетска зависност – диверзификација на снабдувањето со енергија, зголемување на енергетската ефикасност и градење еколошки енергетски капацитети, со акцент на нуклеарната енергија.

– На полето на трговијата и инвестициите, европските земји треба да ги продлабочат и модернизираат односите со земјите од Источното партнерство, Јужното соседство, Латинска Америка, како и со земји како Индија, стои во програмата на партијата ГЕРБ.

Исто така, неопходно е да се создадат широки коалиции меѓу институциите, граѓанските организации, аналитичари, новинари и приватни компании, за да се спротивстават на дезинформациите.

ГЕРБ ќе работи за Бугарија како фактор на Балканот и Источна Европа со јасен евроатлантски имиџ.

– На Бугарија и треба силна и компетентна надворешна политика, јасно ориентирана кон ЕУ и НАТО, се вели во програмата.

Членството на Бугарија во еврозоната и конечното пристапување кон Шенгенскиот договор повторно се меѓу главните цели на партијата.

ГЕРБ сака да има „динамично учество во спроведувањето на поставените параметри во Преговарачката рамка предложена од француското претседателство со Советот на ЕУ“. Тие ќе бараат и продолжување на дијалогот со Република Турција и Република Грција во областа на миграцијата, заштитата на заедничката граница и борбата против трговијата со луѓе.

Тие ќе работат и на обезбедување официјална бугарска воена помош за Украина.

Во фокусот на партијата се и продлабочувањето на улогата на регионалните формати во Централна и Источна Европа и создавање поблиска координација меѓу земјите од регионот, членки на НАТО и ЕУ.

Во идната политика на ГЕРБ е вклучена и грижата за бугарските заедници во странство.

За партијата е важно и продлабочувањето на билатералното стратешко партнерство со САД – завршување на нарачката за втората серија авиони Ф-16, американската програма за безвизно патување, американските стратешки инвестиции во Бугарија, соработката во полето на нуклеарна енергија и снабдување со течен природен гас.

Меѓу важните контакти на кои ќе се работи се оние со Блискиот Исток, вклучително и економските односи со регионот, како и борбата против тероризмот, историското пријателство со Израел, новото и амбициозно партнерство ЕУ-Африка.

ПП

За „Продолжуваме со промените“ на прво место во изборната платформа е националниот интерес во Европската Унија и НАТО. Бугарија – како сигурна и предвидлива членка на ЕУ, со јасно изразени позиции, земајќи ги предвид националните приоритети и сојузничките цели.

Партијата е за рамномерен развој на вооружените сили, подготвени да го бранат територијалниот интегритет и суверенитет на Бугарија.

Спроведувањето на обврските кои произлегуваат од самитот во Мадрид, со фокус на безбедноста на регионот на Црното Море и Западен Балкан, е еден од приоритетите на ПП во нејзината надворешна политика.

ПП има намера да работи за активно учество во одлуките на ЕУ со цел зајакнување на интеграцијата во сите сфери и позиционирање на Бугарија во срцето, а не во периферијата на Европа.

ПП е за поцврсти врски меѓу Бугарите ширум светот и нивната матична држава.

Бугарија како добра инвестициска дестинација е една од целите на ПП.

– Надворешната политика на Бугарија мора да придонесе за просперитетот на просечното бугарско семејство, вели Кирил Петков во предизборната програма на неговата партија.

ПП, исто така, ќе работи на елиминирање на граничните контроли со Романија и Грција и олеснување на бизнисот и прекуграничниот туризам со приклучување кон Шенгенскиот договор, приклучување кон еврозоната, енергетските приоритети во преговорите за Зелениот договор и поддршка на политиките за надминување на зависноста од гас.

Во областа на политиката на ЕУ, ПП се фокусира на користење на фондовите на ЕУ, владеење на правото и зајакнување на улогата на европскиот обвинител.

Целосна поддршка за напорите на Украина, активно учество во одлучувањето во ЕУ и НАТО и акциите насочени кон ставање крај на војната, зајакната соработка со регионалните (Романија, Грција, Хрватска) и другите партнери од ЕУ во процесот на донесување одлуки, се меѓу целите на партијата.

ПП повикува на поддршка за Западен Балкан – со залагање за заеднички пазар, без граници и бариери за работа и патување, поддршка за интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ, вклучително и Северна Македонија, согласно усвоената Преговарачка рамка.

ПП има намера да ги зајакне своите активности за гарантирање на правата на Бугарите во Северна Македонија преку ефективна имплементација на Договорот за добрососедство и условите од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучително и промена на уставот на РСМ. Развојот на економските, енергетските и транспортните врски се меѓу приоритетите во политиката со соседната земја.

Во приоритетите на партијата се и добрососедските односи со Република Турција. Ќе предложи конкретни активности за олеснување на патничкиот и товарниот сообраќај и за борба против илегалната миграција во ЕУ.

Поддршка за бугарски заедници ширум светот, зајакнување на посветеноста на државата кон бугарските училишта во странство и зајакнување на врските со сите Бугари во странство се мерките за поддршка на бугарската дијаспора. ПП ќе работи активно на елиминирање на визите за САД и развој на заемно корисна соработка со Кина на билатерална основа, вклучително и со зголемување на бугарскиот извоз.

ДПС

Во предизборната платформа на ДПС во однос на нејзината надворешна политика, акцентот е само еден: „Заедничка политика со партнерите од НАТО и од Европската Унија, во која во целост ќе бидат искористени инструментите и помошта што ја нудат“.

„Преродба“

Националните интереси, како главна движечка сила на бугарската надворешна политика, се приоритети на партијата „Преродба“.

– Главен приоритет на нашата надворешна политика е одржување на добри и стабилни надворешнополитички односи, кои се засноваат на заемна корист, со сите земји и народи кои се добронамерни кон нас. Спротивно на пропагандата дека светот е сведен на ЕУ и САД, ние веруваме дека тој е многу поголем. Длабоките врски со старите економски партнери како Русија, арапскиот свет, далечниот исток и сите земји надвор од ЕУ се важни за економскиот развој на нашата земја. Крајно време е да ставиме до знаење дека Русија не е наш непријател априори, туку може да биде и наш партнер и сојузник!, стои во предизборната програма на партијата.

Вториот важен правец на надворешната политика на „Преродба“ е состојбата на бугарските заедници во странство – национални и емигрантски.

Од партијата како „клучно“ го сметаат прашањето за односите со Република Северна Македонија. – Македонија е втората бугарска држава на Балканскиот Полуостров и „Преродба“ работи на обединување на двете бугарски државни формации во една заедничка држава. Патот до ова обединување е преку целосна економска, културна и политичка интеграција, што ќе доведе до обновување на нарушеното единство на бугарската нација и ќе ја направи Бугарија најголема и најсилна земја во Југоисточна Европа, се вели во партиската програма.

Обнова на врските со традиционалните партнери и пазари: Русија, поранешните советски републики, Блискиот и Далечниот Исток, Индија, Африка, се важна цел на партијата.

Максимално искористување на слободата на движење на стоки и ресурси во рамките на ЕУ, справување со мигрантската криза преку активна политика координирана со Европската унија и особено со Вишеградската четворка, активна надворешна политика за реализација на транспортните коридори, активирање и зајакнувањето на односите со бугарските малцинства и иселеничките заедници, се други важни цели на партијата.

– Државата треба да ги поддржи и да преземе активна заштита на правата на бугарските заедници во Србија, Турција, Грција, Македонија, Украина, Молдавија, Косово, Албанија и Романија, смета „Преродба“.

Партијата е „за целосна економска, културна и политичка интеграција со Република Македонија до целосна интеграција на двете бугарски држави“. – Крајната цел на нашата надворешна политика е да ја вратиме и одржиме целосната државна независност на Бугарија, уверува „Преродба“ во својата платформа.

БСП

Во својата надворешна политика партијата на бугарските социјалисти се залага за заштита на националните интереси и гаранција за поволни надворешни услови за развој на земјата.

За БСП приоритети се дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина, спротивставување на политиката на санкции и контрасанкции, спротивставување на акции кои би можеле да ја вклучат Бугарија во воен конфликт.

БСП посветува посебно внимание и на земјите од Западен Балкан, залагајќи се за активна регионална соработка во Југоисточна Европа и продолжување на политиката на проширување на Европската унија со овие земји. Во однос на Балканот, приоритет се односите со Република Северна Македонија. Според својата предизборна платформа, БСП ќе работи на заштита на бугарските национални интереси во односите со Република Северна Македонија и одбрана на бугарските позиции.

Во рамките на идната надворешна политика на социјалистите е и Турција. БСП ќе се фокусира на билатералните односи и на прашањето за компензација за бегалците од Тракија и нивните потомци.

БСП е против милитаризација на Црното Море и се залага за поголема интеракција меѓу земјите од Црноморскиот регион во области како што се трговијата, транспортот, туризмот и енергетиката по завршувањето на воениот конфликт. Партијата, исто така, планира да работи на нормализирање на дипломатските односи и одржување на конструктивен дијалог со Русија.

Меѓу приоритетите е и нова стратегија за работа со Бугарите во странство.

– Бугарија во центарот, а не на периферијата на Европската Унија. Недопуштање на примена на двојни стандарди и развој на Унијата со две (или повеќе) брзини, стои во предизборната програма во однос на политиката на БСП кон ЕУ. Во таа насока, приоритет е „активно учество на Бугарија во изградбата на Европската социјална унија, надминување на нееднаквостите и транзиција кон зелена и дигитална економија“. БСП ќе работи за приклучување на Бугарија во Шенген зоната без дополнителни услови, како и кон еврозоната со целосни гаранции за приходите и заштедите на бугарските граѓани.

„Демократска Бугарија“

– „Демократска Бугарија“ инсистира на зачувување на општата геополитичка ориентација на земјата како дел од семејството на слободни и демократски држави во услови на остра конфронтација на Русија со Европската унија и НАТО и со целиот меѓународен поредок, по нејзината агресија во Украина, пишува во предизборната програма на партијата.

„Демократска Бугарија“ има за цел поблиско ангажирање во рамките на сојузничките и партнерските односи со САД, Канада и другите членки на НАТО, зајакнување и развивање нова основа за политички и економски односи со Велика Британија по нејзиното излегување од ЕУ, еднакви односи со Русија во согласност со принципите на меѓународното право, одржување на добрососедски односи со Турција на принципиелна основа, сеопфатна поддршка за Украина, вклучително и снабдување со оружје, продлабочување на односите со Јапонија, Јужна Кореја и други развиени економски земји надвор од Европа и Северна Америка, заемно корисна соработка со Кина врз основа на заедничката европска надворешна и трговска политика на ЕУ, зајакнување на дијалогот со земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, реформи во политиката за промоција на бугарскиот бизнис на пазарите во развој на Субсахарска Африка, Југоисточна Азија, Централна и Латинска Америка.

Зајакнувањето на дипломатскиот кор на земјата во ОН е исто така меѓу целите, како и одржување меѓународни форуми од областа на спортот, мировни конференции, трговски собири и потпишување меѓународни и регионални договори.

ДБ има намера да се спротивстави на обидите за ревизија на надворешнополитичката ориентација на Бугарија и насочување во орбитата на влијание на земјите кои се карактеризираат со недостаток на демократија, газење на човековите права и агресивен надворешнополитички курс и кои ги доведуваат во прашање основните одредби на меѓународното право и безбедноста во Европа.

ДБ ќе работи за „достојно членство на Бугарија во ЕУ и НАТО, без да дозволи земјата да стане петта колона или тројански коњ на странски интереси“, како и да спречи надворешно мешање во изборите и политичкиот живот во Бугарија на дипломатско и хибридно ниво.

ДБ активно го поддржува проширувањето на ЕУ и НАТО на Западен Балкан и ќе работи на запирање на обидите на различни геополитички фактори да воспостават сфери на влијание на Балканот и во Европа.

ДБ ќе ги настојува на главните бугарски барања во односите со Република Македонија и усогласеноста на македонската страна со Патоказот. Демократска Бугарија посветува посебно внимание на имплементацијата на Договорот за пријателство со РСМ, ревизијата на учебниците по историја, програмите за размена меѓу студенти, ученици и професионалци од двете земји, реконструкција и воспоставување автентична форма на културно-историските споменици со учество на меѓународни експерти, регистар на движни и недвижни споменици на културата, целосна дигитализација и заедничка кодификација на историските документи поврзани со темата и општата историја, реставрација на воените споменици, соодветната рехабилитација на репресираните од југословенскиот комунистички режим 1945 – 1991 година, без разлика на нивното етничко потекло, и исплата на паричен надоместок за нив и нивните наследници.

ДБ ќе работи и за добрососедски и рамноправни односи со Турција. Таа ќе направи напори да ги запре обидите на актуелната власт во Анкара да се меша во внатрешните работи на земјата со поддршка на бугарските политички партии и е против предавање на политичките бегалци на Република Турција со кршење на бугарското и меѓународното право.

Партијата ќе поддржи изградба на заеднички единици меѓу бугарската армија и вооружените сили на другите земји-членки на НАТО.

Таа ќе работи и на сеопфатен преглед на односите со Русија по агресијата врз Украина, директна продажба на оружје и муниција на Украина, борба против хибридната војна на Русија и предлага строги санкции против руските дипломати кои си допуштаат арогантен однос и јазик кон Бугарија.

Меѓу приоритетите е и враќањето од Русија на бугарските архиви присвоени од советската армија по Втората светска војна.

„Бугарски подем“

На веб-страницата на партијата „Бугарски подем“, чиј лидер е Стефан Јанев, кај одделните сектори во предизборната програма, има само слики без текст. Во делот „Надворешна политика“ е поставена слика од знамето на Европската Унија придружена со неколку знамиња на земјите членки.

ИТН

Партијата „Има таков народ“ досегашната активност на МНР ја оценува како неефикасна, со лоши практики, бедна материјална база и незадоволителен квалитет на услуги.

Во овој поглед, ИТН ќе работи на обезбедување ефикасна и непристрасна ревизија на активностите на Министерството за надворешни работи.

Партијата ќе предложи детален план за поедноставување на постапката за стекнување бугарско државјанство за Бугарите во странство и создавање мобилна апликација за двонасочен брз пристап на бугарските државјани низ светот до најсовремените информации што ги дистрибуира Министерството за надворешни работи.

За партијата, важно е земјата да учествува во формати за промовирање на дијалогот за деескалација на тензиите во Источниот Медитеран меѓу земјите членки на НАТО, со цел да се гарантира мирот на Балканот.

Зајакнување на улогата на Бугарија во структурите на ЕУ, помош за проширување на надворешно-трговската активност надвор од ЕУ, градење и заживување на ефективни дипломатски и економски односи со стратешки важни земји надвор од ЕУ за Република Бугарија и зголемување на дипломатските напори со цел поддршка бугарските дијаспори во странство – се главните приоритети на партијата ИТН