Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денеска се сретна со амбасадорот на ЕУ во земјата, Дејвид Гир, со кога беа во обколка на поранешната касарна на АРМ каде е предвидено да се реализира проектот „OHRID GO“ што финансиски ќе биде поддржан од ЕУ.

– Поддршката од европските фондови за реализација на проекти кои ние како општина ги имаме замислено, меѓу нив и поддршката за проектот за кој веќе е потпишан договорот за имплементација „OHRID GO“ е од огромно значење за нас како Локална самоуправа, но секако и сите можности кои ќе ги имаме во иднина да соработуваме заедно, изјави Пецаков.

Тој соопшти дека Општина Охрид е подготвена да ги сервисира своите обврски, за што поголема искорестеност на средства од европските фондови.

– Во наредниот период ќе работиме многу, бидејќи многу малку како држава користиме од средствата кои ни се нудат овие фондовите. Кога тие ни се тука на дофат, наша работа е да проектираме и да аплицираме со подготвени проекти и да имаме успешни апликации во насока да подобриме нешто, било да е тоа инфраструктура, подобри услови за живот на младите, зголемување на спортските содржини, подигнување на свеста за животната средина, екологијата, заштита на еко системите, рече Пецаков.

Евроамбасадорот Гир изјави дека на средбата било разговарано за повеќе прашања, најмногу за единствениот статус што го има Охрид односно Охридското Езеро во УНЕСКО што мора да се сочува.

– Од друга страна разговаравме за заеднички работи приоритетни за двете страни, а тоа се обезбедување и испорака на добри комунални услуги на граѓаните на Општина Охрид, за зелената агенда, за животната средина, но и за младите луѓе како може да го дадат својот придонес во самото општество и како младите може да ги развијат своите вештини да го надоградат своето знаење, рече Гир најавувајќи поддршка на Центарот за иновации во Општина Охрид, оценет од ЕУ како важен ресурс во кој младите преку својата иновативност, креативност ќе можат да придонесуваат кон развојот на локалната економија.

При обиколката на просторот кај касарната проектот е презентиран пред претставниците на ЕУ, осмислен да содржи Центар за „старт ап“ компании што подоцна ќе биде надграден со Иновативен центар и уште три содржини во рамки на проектот „OHRID GO“ – Памп траката, авантуристичкиот парк, како и „Смарт сити бајк“.