Европската унија се согласи да воведе нови санкции за Белорусија како одговор на принудното слетување на патничкиот авион кон Минск за тамошната полиција да може да го уапси дисидентот и новинар Роман Протасевич. Покрај економските санкции, лидерите на ЕУ се согласија да ја забранат употребата на воздушниот простор и аеродромите на 27-те земји-членки на ЕУ за белоруски авио-компании. ЕУ исто така ги повика авио-компаниите да избегнуваат летови над Белорусија. Германската Луфтанса и холандската КЛМ веќе го сторија тоа.

Advertisements

И американскиот претседател Џо Бајден ја осуди постапката на Белорусија. „Побарав од мојот тим да ги проучи соодветните опции за лицата одговорни за тоа“, додаде Бајден, повикувајќи на меѓународна истрага за инцидентот.

Во меѓувреме, на видео емитувано на белоруската државна телевизија, уапсениот Протасевич рече дека кажал се што знае за наводите за организирање граѓански немири, дело за кое во Белорусија може да се добие затвор до 15 години. Белоруската опозиција и сојузниците на Протасевич тврдат дека изјавата била дадена под присила.

Новинарот е администратор на каналот НЕКСТА лајв на Телеграм, платформа што ги третирала и протестите што избија во Белорусија по изборите. Властите во Минск го товарат Протасевич за нарушување на јавниот ред и мир и за поттикнување омраза. Во октомври минатата година, судот во Минск каналот НЕКСТА го прогласи за екстремистички.

Алсат

Прикажи повеќе