Европската унија и Кина би можеле да го финализираат договорот за инвестиции во наредните денови, изјави висок претставник на европска бизнис група во Пекинг.

Двете страни седум години преговараат за договор за инвестиции. Тој ќе им овозможи на европските компании во Кина да се натпреваруваат со локалните компании под услови на фер конкуренција. Исто така, на кинеските компании ќе им се овозможи пристап до европските пазари.

Преговарачите се пред пробив оваа недела откако Кина направи некои отстапки за пристап до финансискиот, производствениот и секторот за недвижнини, пишува „Саут Чајна Морнинг Пост“ (South China Morning Post).

Од друга страна, ЕУ во принцип се согласи да и обезбеди на Кина пристап до секторот за обновлива енергија, наведува весникот повикувајќи се на дипломатски извор во Брисел.

Пред кинеските, и европските лидери изјавија дека се надеваат дека ќе се постигне договор до Божиќ.

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон го поддржуваат договорот со Кина.