ЕУ во оштетувањата на гасоводите гледа можна саботажа и се заканува со остри санкции. ЦИА наводно уште летоска предупредила од можни напади врз Северен тек 1 и 2 во Балтичко Море.

„Сите расположливи информации укажуваат дека оштетувањата на гасоводите се резултат на намерно дејство“, изјави првиот човек на европската дипломатија Жозеп Борел денеска во име на 27 земји-членки на Европската унија. „Секое намерно попречување на европската енергетска структура ќе наиде на робустна и заедничка реакција“, истакна Борел.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен синоќа соопшти дека разговарала со данската премиерка Мете Фредериксен околу „актот на саботажа“. Мислењето на Фредериксен е дека оштетувањата на гасоводите настанале со „намерно дејство“, а не не последица на случаен дефект. Од  гасоводите Северен тек 1 и 2  кои  транспортираат гас од Русија кон Германија, од понеделникот на три места во данските и шведските територијални води, близу данскиот остров Борнхолм, истекува гас. Данската морнарица објави снимки на кои се гледаат меури на морската површина.

Официјално објаснување за можните причини засега нема, но претпоставките одат во насока на саботажа.

Данскиот министер за енергија и за клима, Дан Јоргенсен, смета дека дупките низ кои истекува гасот се „премногу големи“ за да се настанати случајно. Шведската премиерка Магдалена Андерсон соопшти за регистрирани детонации во делот на Балтичкото Море каде се настанати оштетувањата на цевководите. Нејзината министерка за надворешни работи Ан Линде меѓутоа не сакаше да шпекулира околу мотивите на извршителите.

Разјаснувањето на инцидентите сега има огромно и приоритетно значење, за да се добие целосна јасност за настаните и позадината, напиша на Твитер Урсула фон дер Лајен. Секое намерно попречување на  европската енергетска структура е „неприфатливо и ќе води кон најостра можна реакција“, предупреди таа.