Според бугарскиот европратеник и известувач за Македонија, Илхан Ќучук, правата на Бугарите во земјава се основното прашање за кое треба да се најде решение меѓу Скопје и Софија, за да се деблокира евроинтегративниот процес. Во интервју за бугарски медиуми, тој вели дека гаранции за овие права пред сè, треба да даде и Европската комисија.
„Ако тука се најде европско решение, самата Европска комисија да ни даде гаранции за следење на човековите права и слободи, јас мислам дека тоа е доволна основа за да се продолжи напред, односно да се отстрани ветото. ЕУ да даде гаранции, дека има механизам за мониторинг на човечките права и слободи, кој би бил со јасни индикатори“, изјави Илхан Ќучук – бугарски европратеник.
Претходно бугарскиот премиер Кирил Петков нагласи дека правата на Бугарите во земјава ќе бидат заштитени доколку тие станат дел од Уставот. Тој побара овој услов да биде дел од преговарачката рамка и да се исполни до отворањето на првиот кластер од преговорите, за што би гарантирал и Брисел.