Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вети дека ќе ја зајакне помошта за Турција додека земјата се бори со последиците од разорниот земјотрес од минатиот понеделник.
Во вчерашниот телефонски разговор Фон дер Лејен му соопшти на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека Комисијата ќе мобилизира дополнителна поддршка и ќе одговори на последното барање на Турција за поголем капацитет за засолништа – особено шатори, ќебиња, греалки, пренесува Си-ен-ен.
ЕУ се надева дека ќе обезбеди дополнително финансирање за Турција и Сирија за време на донаторската конференција што ќе се одржи во март во Брисел.
Во минатонеделното соопштение Унијата информира дека операцијата во погодените региони е една од најголемите досега организирани за пребарување и спасување, извршени преку механизмот за цивилна заштита. Вкупно 21 земја членка на ЕУ и три земји учеснички досега понудиле 38 тима за одговор, составени од 1 651 лице и 106 кучиња за потрага и спасување.