Европска комисија денеска објави дека предложила план за конфискација на руски средства што се замрзнати за да се казни Москва за нејзината инвазија врз Украина.

– Блокиравме 300 милијарди евра, резерви на руската Централна банка и замрзнавме 19 милијарди евра пари на руските олигарси, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Според неа, ЕУ и нејзините партнери би можеле краткорочно да управуваат со овие средства и да ги инвестираат. Приходите ќе одат во Украина за да се компензира штетата предизвикана од војната.

– Ќе работиме на постигнување меѓународен договор со нашите партнери за да се овозможи тоа. Заедно можеме да најдеме правни начини тоа да го оствариме, наведе Лајен.

Таа додаде дека ЕУ предлага да се формира специјален суд, со поддршка на Обединетите нации, кој ќе ги истражува руските злосторства во Украина.