Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи и покрај постојаните контакти со високи бугарски претставници вели дека не може да биде сигурен дали ветото од Бугарија ќе биде тргнато за Македонија за на 22 јуни да ги почнеме преговорите со Европската унија. Дали ќе се постигне договор Османи вели, зависи од тоа дали техничката влада на Бугарија има мандат да носи такви одлуки, каде ќе биде сместен Патоказот и каква ќе биде неговата содржина. На маса и натаму е португалскиот предлог за кој обелодени дека во него е предвиден европски мониторинг.
„Предлогот на Португалија предвидува мониторинг од страна на Европската унија на имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година преку Патоказ кој што има јасни рокови и институции одговорни за имплементација а кој што ќе биде мониториран во рамки на Советот за стабилизација и асоцијација. Притоа зачувувајќи ги принципите на Европската унија и на нашата земја дека тоа не треба да биде дел од преговарачкиот процес и Копенхашките критериуми.“, вели Османи.
Вчера претседателот на Бугарија Румен Радев имал телефонски разговори со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во кој меѓу другото се разговарало и за блокадата на Македонија. Блинкен притоа, укажал за потребата од побрза интеграција на Западен Балкан во Европската унија. Дали притисокот на САД како светска сила, но и Франција и Германија како европски сили ќе бидат доволни за Бугарија да даде зелено светло, Османи вели дека постои голема ангажираност на голем број држави.
„Прашањето на одложување на европската перспектива на регионот има геополитички консеквенции и тоа сериозни геополитички консеквенции. Во геополитиката нема вакуум, секоја празнина некој ќе ја исполни. Ако не ја исполните вие ќе ја исполни некој друг. И затоа мислам дека тој аларм е подигнат сериозно кај сојузниците, кај нашите пријатели кои што се обидуваат да разговараат и со нас и со Бугарија.“, вели Османи.
Вчера се одржа и седница на Мешовитата историско-образовна комисија каде што не беше постигнат напредок. Османи вели дека досегашните резултатите не се за занемарување и дека не може да се очекува тоа да се заврши за една година.