Катастрофалните поплави што периодов ја погодија северозападна Европа јасно ставија до знаење дека дури и во некои од најбогатите земји во светот, инфраструктурата не е на висина на задачата да се справи со климатските промени.
Европската комисија одлучи да дејствува навремено, а вчера објави водич со наслов „Нови технички упатства за обезбедување отпорност на инфраструктурни проекти за климатските промени за периодот 2021-2027 година“ за да ѝ помогне на Унијата да го спроведе „Европскиот зелен план“, пренесе агенцијата Хина.
Инвеститорите мора да ги исполнат наведените прописи доколку сакаат да обезбедат пари од европските фондови.
Меѓудругото, во проектот ќе мора да докажат дека патиштата, железниците и електраните што планираат да ги изградат се способни да издржат екстремни временски непогоди. Во својот водич, Комисијата наведува дека инвеститорите мора да приложат и проценка на климатските ризици на кои нивниот проект би можело да биде изложен во следните години.
Податоците, како што се прогнозите за климатските промени на национално и регионално ниво, може да се користат за оваа проценка, или може да чекаат до август кога треба да се објави ажуриран извештај од Научниот панел на ОН за климатски промени.
Доколку проценките предупредуваат дека има големи ризици, проектот ќе треба да се измени за да може да ги издржи, пишува Комисијата.
Оценката, исто така, треба да ги пресмета проекциите за емисија на стакленички гасови за да ги усогласи проектите со климатските цели на ЕУ, од кои едната е нулта стапка на емисии на стакленички гасови до 2050 година.
Целта на Европската унија е да се осигура дека мостовите, железниците и електраните што ќе се изградат денес успешно да ги издржат ефектите од климатските промени на планетата.
Парламентот и Советот на Европа постигнаа привремен договор за зголемување на целта на ЕУ за намалување на емисиите на гасови во 2030 година од 40 на најмалку 55 проценти.