Вториот ден од посетата на македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев во Брисел потврди дека нема сомнеж во ниту една ЕУ институција дека Северна Македонија ги исполнува сите услови за формален почеток на преговорите.
Македонската страна бара од Брисел засилен ангажман за да се реализира оваа цел, јави дописничката на МИА од Брисел.
По средбите со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен во понеделникот, вчера премиерот Зоран Заев продолжи со средби со челниците на Европската Унија. Најзначајна беше онаа со високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел.
Борел, кој претходниот ден изјави дека одвојувањето на Северна Македонија и Албанија не доаѓа предвид, оваа порака повторно ја упати и по средбата со премиерот Заев.
-Северна Македонија ги исполнува потребните услови и заслужува да премине на следната етапа, изјави Борел по средбата со Заев.
Шефот на европската дипломатија потсети дека Северна Македонија е една од двете земји кои најдолго чекаат пред вратите на ЕУ.
-Има силна поддршка за одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија што поскоро. Знаеме дека чекате одамна, можеби 16 години, и сте втората земја што најдолго чека пред вратите на проширувањето, рече високиот претставник за надворешна политика на ЕУ.
Борел додаде дека Северна Македонија може да смета на поддршката на Европската Унија за изнаоѓање решение за процесот на пристапување во ЕУ, како и во борбата против пандемијата од Ковид-19. Тој ја пофали државата и за нејзиниот висок степен на усогласеност со надворешната политика на ЕУ, нешто што, рече тој, се постигна во тешки услови.
-Португалското претседателство се обидува да турка за двете земји да започнат преговори во исто време и ќе продолжиме да го правиме тоа, ангажирани сме со сите релевантни власти за да видиме како претседателството може да ги поддржи преговорите и да ја свика првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија за време на нашето претседавање, изјави Ана Паула Закариаш, државна секретарка за европски прашања на Португалија, која вчера претседаваше со министерскиот состанок на ЕУ за општи работи, телото кое ја носи конечната одлука за одржување на Меѓувладината конференција.
Државната секретарка нагласи дека се водат разговори и со Скопје и со Софија за да се надмине блокадата на патот на Северна Македонија.
-Разговараме со релевантните македонски власти и со бугарските власти и даваме се од себе за да видиме дали постои можност за преговори до јуни, додаде Закариаш.
Заев од своја страна нагласи пред сите соговорници во Брисел дека преговори се прифатливи за Северна Македонија само под услов тие да не задираат во македонскиот идентитет и јазик. Впрочем, еден од условите на Северна Македонија е да стои „македонски јазик“ во самата преговарачка рамка која допрва треба да се усвои. Оваа рамка ги дефинира начелата на преговарачкиот процес помеѓу Скопје и Брисел и треба да биде усвоен, како од европска, така и од македонска страна.