Европската унија (ЕУ) ја предупреди македонската влада дека средствата за Коридорот 8 не може да се пренасочат кон други проекти и транспортни коридори, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

Брисел внимателно го следи тендерот во Северна Македонија за железничката пруга кон Бугарија и повикува сите важни одлуки да се донесат по консултации со блокот, се вели во ставот на делегацијата на ЕУ во Скопје.

„ЕУ, заедно со другите финансиски поддржувачи на проектот за изградба на Коридорот 8, кој е од исклучителна важност, внимателно го следи тендерскиот процес. Северна Македонија е страна на договорот одговорна за тендерскиот процес. Оценувањето по понудата е во тек Силно го охрабруваме усогласувањето со важечките процедури и стандарди и консултации со сите релевантни чинители за ваквите важни прашања“, изјавија од делегацијата на Унијата.

Брисел го поддржува Скопје во завршувањето на овој „проект кој е од големо значење за земјата, нејзините граѓани и целиот регион“. Од ЕУ предупредуваат дека средствата за Коридорот 8 не може да се користат за други насоки.

„Финансиската распределба за овој проект се состои од комбинација на значителен грант од ЕУ и здружување на средства од ЕИБ и ЕБОР. Оваа финансиска поддршка е наменета токму за оваа процедура и проект. Не е предвидена каква било друга употреба се нагласува ставот.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски објави дека бил жртва на обид за поткуп токму во оваа тендерска постапка за избор на изведувач.

Во изминатите недели, Мицкоски и неговите министри побараа средствата да се префрлат од Коридорот 8 на Коридорот 10. Транспортниот коридор 10 во Европа се протега од северозапад кон југоисток и ги поврзува Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Северна Македонија и Унгарија со Грција и Бугарија.

Македонската влада тврди дека врската со Белград и Солун е поважна за економијата на Северна Македонија, за разлика од рутата Бургас-Драч (Албанија). Последниот е дел од таканаречениот Коридор за мобилност на НАТО, но власта во Скопје го смета за промашена инвестиција. И во последниот извештај на ЕК за земјава беше нагласено дека итно треба да се забрза изградбата на Коридорот 8.

Министерот за транспорт Александар Николоски неодамна изјави дека железничката траса е прескапа и чини околу 20 милиони евра по километар, а Бугарија нема ни готов проект – тврдење кое беше побиено со документи од бугарска страна.

Николовски најави и повлекување на членовите на Комисијата за изградба на третата фаза од железничката пруга со Бугарија.