Министерството за правда и Министерството за информатичко општество и администрација бараат начин како законски да ги спречат случаите на злоупотреба на правото на самоизјаснување на етничката припадност при вработување во некоја државна институција. Последен таков случај имаше во општина Куманово. Еден од можните начини е да се внесува етничката припадност во изводите од матичната книга на родените.

„За жал, сакам да кажам дека овде се доведува во прашање етиката и моралот на сите. Верувам дека не може секој да смени етничка припадност заради работа. Ова доволно говори за профилот на осумте лица кои се вработени во таа општина“, рече Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација, пренесува Алсат.

Дали решението етничката припадност да се впише во изводите на родени е една од идеите што ги дава Алијанса за Албанците?

„Едно од решенијата е тоа. Ќе видиме. Работните групи сега во Министерството за правда, колегата работи, направи работна група од која ќе излезат со резултати. Ќе им помогнеме во техничкиот аспект и инфраструктурата што ја има нашата земја. Сепак, тоа ќе биде долгорочно решение за да се надмине оваа злоупотреба еднаш засекогаш.“

Алсат информираше и за десетици претходни случаи кога граѓани од една етничка припадност лажно се изјасниле дека припаѓаат на друга само за да влезат во конкурс за вработување. Системот Балансер со отворањето на секој конкурс за вработување во јавните институции, ја одредува и етничката припадност што кандидатот треба да ја има за на тој начин да се обезбеди правична етничка застапеност. Но, злоупотребата ја доведува во прашање автентичноста на резултатите што Народниот правобранител ги објавува секоја година и кои покажуваат напредок во вработувањето на Албанците и другите етникуми.

„Бидејќи можете да имате име кое се изјаснило Албанец, а може да биде од друга етничка националност или обратно. Од овој аспект овие бројки не ни даваат висока точност, но горе-долу тоа се бројките. Иако, злоупотребата, верувам односно сакам да верувам дека не е повеќе од 0,5% или помалку“, додава Алиу.
Алиу нагласи дека актуелниот балансер се базира врз податоците од последниот попис на населението, односно од вкупниот број.