Движењето Беса не попушта во однос на ветувањето за вметнување на графата за етничка припадност во личните карти. Поминаа две години откако партијата на Биљал Касами ги услови уставните измени, но сепак ветувањето сѐ уште не е исполнето. Иако амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, порача дека оваа иницијатива не е пракса во ЕУ, генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа, со став дека нема да отстапат и дека ќе одат до крај со нивното барање.
„Доколку Македонија стане членка на ЕУ во август, ние сме подготвени да разговараме за ова прашање. Доколку ова претставува пречка за ЕУ-регулативата со сигурност ќе биде ставена во „benchmark“ на ЕУ и кога ќе дојде моментот, тогаш ќе ја измениме. Но, за она што се договоривме, немаме намера да отстапиме и ќе одиме до крај за да го одбраниме, бидејќи мислиме дека предлогот е правичен и вистинско решение“, посочи Арјанит Хоџа.
Но, од друга страна пак, премиерот Заев вели дека го поддржуваат предлогот, но додава дека е невозможно да се реализира, поради, како што рече, праксата во ЕУ и амандманите кои до Собрание ги достави партијата Левица.
Премиерот за утре најави средба со претседателот на Беса, Биљал Касами на која ќе разговараат околу прашањето за етничката графа, но тема на дебата ќе бидат и локалните избори.