Заменик-помошникот државен секретар на САД за Јужна и Централна Европа Габриел Ескобар изјави дека САД имаат два услови за поддршка на иницијативата Отворен Балкан – оваа иницијатива да биде отворена за сите и да се почитуваат соодветните стандарди и институции. Тој најави дека наскоро ќе отпатува во регионот со специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак, со што ќе ја покаже својата посветеност на функционирањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

„И ова е условот под кој го поддржуваме – прво, да ги исполниме берлинските стандарди поставени од Европската унија. И второ, да биде отворен за сите земји и практично да не работи без сите земји. Не може да се прекинат цевководи, не може да се прекинат автопатите. Не можете да имате зона за слободна трговија ако треба да застанете некаде на половина пат и да чекате камиони пет часа во ред, па затоа иницијативата мора да ги опфати сите земји, стандардите да бидат европски. На крајот на краиштата, за да имате зона за слободна трговија, мора да имате институции кои можат ефикасно да управуваат со стоки и пари“, изјави Ескобар за албанскиот сервис на Гласот на Америка.

„Наскоро ќе отпатувам во регионот, заедно со г-дин Лајчак, за да ја сигнализираме нашата поддршка за дијалогот и да ја покажеме нашата посветеност на функционирањето на дијалогот. Тоа е дијалог што го води ЕУ, но ние силно го поддржуваме. И се надевам ќе напредуваме“, рече тој.

Ескобар додаде дека за да се унапреди дијалогот, САД интензивно ќе се ангажираат со двете земји.