Македонските компании сѐ повеќе ја препознаваат важноста на принципите поврзани со животната средина, општествени прашања и управување, но им недостига знаење и алатки за систематска имплементација, според новата анализа објавена на 11 ноември 2025 година.

Извештајот, со наслов „Евалуација на степенот на интеграција на ESG во приватниот сектор во Северна Македонија“, е изготвен од страна на Insider ID, во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и финансиски поддржан од EU Western Balkan Investment Framework (WBIF). Проектот е заедничка иницијатива на АмЧам Северна Македонија и ЕБРД.

Анализата беше презентирана на настан на 11 ноември 2025 на Економскиот факултет – Скопје. Ова беше првата сеопфатна проценка на тоа како деловниот сектор ги применува ESG принципите и колку е подготвен за усогласување со европските барања за одржливост. Истражувањето опфати 156 компании од различни индустрии и се спроведе во три фази, при што во последните две учествуваа компании со веќе воспоставени или развиени ESG практики.

Резултатите покажуваат дека македонските компании сè појасно ја препознаваат стратешката важност на ESG и преминуваат од декларативна кон практична имплементација, особено во делот на животната средина и користењето на обновливи извори на енергија. Иако најголемиот дел сè уште се во рана фаза на структурирање на својата ESG рамка, свесноста и интересот за системски пристапи растат, особено кај поголемите и меѓународно активни организации.

Клучните мотиви за воведување ESG се градење на позитивна репутација, зголемување на довербата кај јавноста и усогласување со европските регулативи, додека потребата од практична едукација и алатки се издвојува како најзначаен предуслов за напредок.
Главните препораки од анализата упатуваат дека институционална поддршка, обуки и усогласена рамка за малите и средни компании се неопходни за тие да станат активен дел од синџирите на снабдување на големите и меѓународни компании, и да се подготват за единствениот пазар на ЕУ.

Сергеј Зафироски, Генерален Менаџер на Insider ID, посочи дека иако ESG е релативно нова тема, македонските компании веќе имаат солидно разбирање на концептот. Тој додаде: „За да се постигне реална имплементација, неопходно е зголемување на едукацијата и свесноста меѓу менаџерите и сопствениците на компании. Потенцијалот постои – потребно е само да се насочи кон активности што ќе создадат одржлива конкурентска предност,“ додаде Зафироски.

Настанот исто така вклучуваше панелска дискусија со г. Орде Ѓорѓиоски, Директор за правни и општи работи во Витаминка АД Прилеп, и г. Љубомир Пејовски, Менаџер за животна средина во Макстил АД, кои споделија практични примери за примената на ESG принципите во македонски и локални компании. Панелистите истакнаа дека ESG станува сè поважен фактор за долгорочната конкурентност и одржливост, особено во контекст на регионалните и меѓународните деловни текови.

На настанот беше најавена и втората фаза на проектот – обука за локални компании што ќе ја спроведе PwC Македонија, со цел да се обезбеди практична поддршка и насоки за поефикасна имплементација на ESG стандардите и усогласување со европските барања.

Целиот извештај, „Евалуација на степенот на интеграција на ESG во приватниот сектор во Северна Македонија“, е достапен за преземање на следниот линк:  Интеграција на ESG во приватниот сектор – Извештај за Северна Македонија – Insider ID.