Аеродромот во Катанија на Сицилија беше принуден да ги прекине летовите денеска откако еруптираше вулканот Етна и ја покри пистата со вулканска пепел. Авионите утрово не можеа да полетуваат или слетуваат, соопштија од аеродромот.
Етна еруптираше неколкупати во последните неколку недели, но извештаите за голема штета или повредени се ретки.
Повремено паѓа пепел и стаклата на прозорците пукаат од татнежот на вулканот за време на ерупциите. Етна, висока 3.300 метри, во последните денови исфрла лава и пепел, претежно од нејзиниот југоисточен кратер, според Националниот институт за геофизика и вулканологија.
Институтот забележа и повремени ерупции на североисточната страна. Вулканот исфрли пепел висок пет до 10 километри, се вели во извештајот.