Неколку илјади приврзаници на ерменската опозицијата денеска организираат Марш на достоинството во центарот на Ереван, барајќи оставка од премиерот на Ерменија Никол Пашинјан.

– Никол Пашинјан е клучниот виновник за катастрофата во Карабах. Треба да си замине, изјави пратеничката од партијата Просперитетна Ерменија, Наира Зохрабијан.

Демонстрантите ја блокираа авенијата Аршакуниак и тргнаа кон зградата на Владата лоцирана на плоштадот Република.

Ерменската опозиција смета дека трилатералната изјава за прекин на огнот во Нагорно Карабах, потпишана од Пашинјан, рускиот претседател Владимир Путин и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев на 9 ноември, во суштина стана акт на капитулација.

Противниците на сегашниот ерменски лидер исто така го обвинуваат за економските и социјалните проблеми во земјата. Во екот на бурните случувања во земјата, ерменскиот претседател Армен Саркисјан повика на предвремени парламентарни избори и пренесување на власта на влада на национален договор пред гласањето.