Украинскиот претседател Володимир Зеленски, неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган и шефот на ОН Антонио Гутереш ќе се сретнат денеска во украинскиот град Лвив, Гутереш утре ќе го посети украинското пристаниште Одеса на Црното Море, од каде што повторно се извезува жито. Извозот беше запрен поради петмесечната инвазија на земјата од страна на Русија. Освен од Одеса, жито се извезува уште од две пристаништа. Првиот брод изнајмен од ОН, натоварен со жито, ја напушти Украина во вторникот и замина за Африка. Украина и Русија, се меѓу најголемите извозници на жито во светот. „На покана на претседателот Володимир Зеленски, генералниот секретар в четврток ќе биде во Лвив за да присуствува на трилатерален состанок со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и украинскиот лидер“, рече портпаролот на Гутереш Стефан Дужарик на брифинг со новинарите во вторникот во Њујорк.